Connect with us

Свет

Затвор во Манчестер на удар на критики поради курсеви по рап и хип-хоп за затворениците

Затворот „ХМП Манчестер“ во северот на Обединетото Кралство, односно одговорните надлежни лица во казнено-поправната установа се соочуваат со остри критики откако одобрија договор вреден 15.000 фунти (приближно 18.000 евра) за курсеви по рап и хип-хоп за затворениците, и покрај претходните предупредувања од инспекторите во врска со насилството, дрогата и безбедносните проблеми во установата. Според податоците за јавни набавки, договорот бил доделен на 28 септември, а програмите треба да се спроведуваат од 7 октомври до 31 март 2027 година.

Имено, два проекта се однесуваат на рап и хип-хоп-музиката, со цел да се одразат интересите на затворените, пренесува „ГБ њуз (GB News)“. Извештајот по ненајавената инспекција во 2024 година ја опиша состојбата во затворот како многу лоша, при што проблемите биле влошени од присуството на дрога, насилство, неискусен и демотивиран персонал, како и лошо организирани активности за затворениците. Поради сериозноста на наодите, била поведена процедура за итно известување на надлежните органи. За време на контролната инспекција во јануари 2026 година, инспекторите забележале одреден напредок, но и дека бројни прашања останале нерешени. Ен Стрикланд од „Алијансата на даночните обврзници (Taxpayers’ Alliance)“ – организација што се залага за одговорно трошење на јавните средства, ја критикуваше одлуката за финансирање на музичките курсеви.

– Даночните обврзници не треба да плаќаат 15.000 фунти за курсеви по рап и хип-хоп во затвор што се соочува со сериозни проблеми со дрога, насилство и недозволено користење мобилни телефони. Воспоставувањето безбедност треба да биде приоритет, изјави Стрикланд.

Според британските затворски инспектори, 44 отсто од затворениците во установата биле невработени, а затворот бил оценет како неуспешен во својата улога на институција за стручна обука. Затворениците без работни ангажмани го минуваат речиси целиот ден – освен три часа, во своите ќелии. Главниот инспектор за затвори, Чарли Тејлор изјави дека за време на неговата посета видел премногу затвореници кои го минувале времето во ќелиите гледајќи ТВ и, во многу случаи, користејќи дрога.

Слични музички програми веќе се спроведуваат и во други затвори во Обединетото Кралство. Нивните цели вклучуваат зајакнување на самодовербата и комуникациските вештини, како и вклучување на затворениците во образовни активности. Организацијата „Њу вингс (New Wings)“, за којашто се верува дека стои зад договорот во Манчестер, претходно спроведувала програми и во други затвори. Проектите вклучуваат пишување текстови и снимање музика.

Британското Министерство за правда смета дека активностите за затворениците помагаат во одржувањето на редот и намалувањето на опасноста од повторување кривични дела.

– Затворениците подлежат на строги правила и услови, но активностите што ги држат ангажирани и поттикнуваат учество, исто така, помагаат да се одржи редот зад решетките и да се прекине циклусот на повторно вршење кривични дела, изјави портпаролот на Министерството.

Оттаму додаваат дека вложуваат милиони фунти во подобрување на безбедноста во затворите – вклучително и надградба на видео-надзорот, прозорците и биометриските системи, со цел да се спречи внесот на предмети што поттикнуваат насилство.

Ad
Ad