Connect with us

Свет

Во Полска се одржува Варшавскиот безбедносен форум

Во Полска денеска почна Варшавскиот безбедносен форум, чиј фокус е на безбедносните прашања, особено во Централна и Источна Европа.

На дводневниот собир ќе се одржат бројни дебати посветени на одбраната, а меѓу говорниците се украинскиот претседател Володимир Зеленски, полскиот премиер Доналд Туск и врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, Алекс Гринкевич.

На листата на учесници се и бројни официјални претставници од земјите членки на НАТО и ЕУ, воени команданти, стручњаци за национална безбедност, меѓународни односи, економија и енергетика, како и претставници на индустријата.

Како што пренесува полскиот портал Онет, на собирот ќе говорат и рускиот опозиционер, шахистот Гари Каспаров, и амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер.

Претседавачката со Варшавскиот безбедносен форум, Катарина Писарска, изјави дека на собирот ќе учествуваат повеќе од 2.500 делегати од над 90 земји.

– Нашиот регион и Алијансата се соочуваат со сложена поликриза – од конвенционални закани до кибер-напади, дезинформации и хибридно војување. Украинската борба за слобода нè потсетува дека мирот никогаш не е загарантиран и дека отпорноста бара пристап од целото општество и сите индустрии. Остануваме одлучни во нашата намера, водени од трајното полско мото: ’За вашата и нашата слобода‘. Ќе продолжиме да се подготвуваме, браниме и одвраќаме – бидејќи мирот најдобро се чува со сила – порача таа.

Ad
Ad