Connect with us

Вести

Одбележан Меѓународниот ден на белиот стап: Еднакви можности за лицата со оштетен вид преку подобра пристапност и поддршка

Правото на независно живеење не смее да остане само напишано во документи. Треба да се препознае во секоја улица, во секоја јавна институција, во секое училиште и во секоја услуга што им е достапна на граѓаните – порача претседавачот на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап.

На настанот во Собранието Мицевски нагласи дека белиот стап е симбол на слободата, мобилноста и достоинството на лицата со оштетен вид, но и потсетник дека нивната независност зависи од пристапноста на јавните простори, достапноста на информациите и поддршката што ја обезбедуваат институциите.

Тој истакна дека правото на независно живеење значи секој човек да има можност самостојно да носи одлуки, да се движи без непотребни бариери, да има пристап до образование, здравствени услуги и јавни институции и рамноправно да учествува во општествениот живот.

– Пристапноста не е дополнителна поволност, туку предуслов за остварување на човековите права и обезбедување еднакви можности за сите. Убеден сум дека преку отворен дијалог, заедничка работа и посветеност можеме да придонесеме кон општество во кое различностите се почитуваат – порача Мицевски.

Директорката на Државното училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“, Александра Рековческа, посочи дека Меѓународниот ден на белиот стап претставува можност да се отворат суштински прашања поврзани со пристапноста, образованието и еднаквите можности за лицата со оштетен вид.

Таа нагласи дека „Димитар Влахов“ е единствена државна образовна институција во земјава специјализирана за работа со деца и млади со оштетен вид и дека, по трансформацијата во ресурсен центар, нејзината улога е значително проширена преку обезбедување стручна поддршка за инклузивното образование.

– Нашата цел не е секое дете со оштетен вид да дојде кај нас, туку нашата стручна поддршка да стигне до секое дете на кое му е потребна, без разлика каде се образува – истакна Рековческа и информираше дека училиштето работи на обезбедување системска достапност на обуките за ориентација и мобилност за учениците со оштетен вид во редовните училишта, во соработка со Бирото за развој на образованието.

Директорката укажа и на значењето на асистивната технологија, посочувајќи дека установата располага со современи помагала, вклучително и дигитално паметно стапче за ориентација и мобилност, но оцени дека пристапот до ваквата технологија не треба да зависи од финансиските можности на поединците или од донации.

Според неа, неопходно е да се прошири опфатот на асистивните помагала што се обезбедуваат преку Фондот за здравствено осигурување, како и да се унапреди физичката и дигиталната пристапност преку тактилни патеки, звучни семафори, пристапни јавни институции и дигитални услуги.

Претседателката на Здружението на слепи и лица со оштетен вид Скопје, Валентина Ѓурчиновска, пак порача дека покрај белиот стап како основно помагало за движење, на лицата со оштетен вид им се потребни и пристапни услови за самостојно и безбедно учество во заедницата.

– Нам не ни е потребен само белиот стап. Потребни ни се тактилни патеки за движење, звучни сигнали на семафорите и пристапен јавен превоз. Белиот стап е наше помагало за движење и симбол на достоинството, но честопати немаме услови каде и како безбедно да го користиме – нагласи Ѓурчиновска.

Таа посочи дека Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост има значајна улога во поврзувањето на лицата со попреченост и нивните организации со пратениците и институциите, со цел проблемите со кои се соочуваат да бидат препознаени и соодветно адресирани.

Ad
Ad