Свет
Во Ирска прв голем штрајк во јавниот сектор од 2009 година
Голем дел од јавниот сектор во Ирска денеска речиси целосно го прекина работењето откако вработените стапија во штрајк, прв во земјата од финансиската криза во 2009 година.
Причина за штрајкот е спорот со Владата околу условите за преговорите за платите.
Околу 300 илјади наставници, здравствени работници, државни службеници и други вработени во јавниот сектор треба да протестираат пред своите работни места, вклучително и пред Парламентот, откако синдикатите и министрите со месеци не успеаја да постигнат договор за основата за преговори за зголемување на платите во јавниот сектор.
Синдикатите инсистираат растот на платите да биде повисок од инфлацијата и за платите да се разговара пред да се расправа по други прашања, како на пример продуктивноста. Тие укажуваат и на притисокот врз вработените поради растечките трошоци за живот.
Министрите ги отфрлија таквите услови, оценувајќи дека претставуваат отстапување од претходните договори.
„Нашите членови се лути. Имаме млади наставници кои не можат да си дозволат да го поправат автомобилот бидејќи немаат доволно пари. Имаме луѓе кои секојдневно патуваат по сто километри до работното место поради станбената криза. Тие сметаат дека Владата не ја зема предвид кризата со трошоците за живот со која секојдневно се соочуваат“, изјави Мајкл Гилеспи, генерален секретар на Синдикатот на наставници на Ирска.
Низа договори за платите го одржуваа социјалниот мир по големите намалувања на платите во 2009 година, што тогаш доведоа до штрајк. Иако ирската економија и јавните финансии се меѓу најсилните во Европа, високите цени во голема мера намалија голем дел од придобивките на тие достигнувања.
Синдикалните лидери изразија незадоволство и поради тоа што демонстрантите кои протестираа против високите цени на горивата во април изнудија отстапки од Владата, блокирајќи ја нафтената инфраструктура. Тогаш тие предупредија дека нивната преговарачка стратегија ќе ги одразува „новите правила на дејствување“.
Основните услуги ќе бидат достапни и денеска, а јавниот превоз ќе се реализира вообичаено. Противпожарните и итните медицински служби ќе работат со намален капацитет, додека болниците предупредија на „значителни и широко распространети“ нарушувања, со откажување на илјадници медицински интервенции.
„Длабоко разочарувачки е што синдикалните лидери одлучија да не учествуваат во суштински преговори“, изјави министерот за јавни расходи Џек Чемберс за националниот радиодифузен сервис.
Втор штрајк е најавен за 21 октомври, доколку дотогаш не се надмине застојот во преговорите.
октомври 14, 2026


