Политика
Честитка од ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на народното востание: 11 Октомври нека биде потсетник за храброста на борците од НОБ и наша обврска да ги чуваме нивните идеали
Денес го одбележуваме почетокот на вооружената борба против фашистичкиот окупатор. На 11 октомври 1941 година во Прилеп и Куманово, Македонците храбро го кренаа првиот удар за слобода, стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на нардоното востание – 11 Октовмри, што МИА ја објавува интегрално.
Денес им се поклонуваме на храбрите борци и на нивните идеали за слобода. Благодарение на нивната пожртвуваност, денес ние живееме во слободна татковина.
На овој голем ден ја славиме решителноста на македонскиот народ за слобода и создавање самостојна и независна држава. Тие идеали и денес нe водат во создавањето подобра сегашност и подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
ВМРО-ДПМНЕ непоколебливо го следи заветот што го оставија храбрите борци. Обединети и сплотени, да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за да имаме попросперитетна Македонија, да го вложиме своето знаење и труд во негувањето и развојот на нашата татковина. Се залагаме за зачувување, развој и напредок на македонската држава, за да обезбедиме подобра иднина за сите наши граѓани.
Да ги пренесеме идеалите на младите генерации и самата идеја да се живее и расте во сопствена, самостојна и независна држава.
Нека е честит 11 Октомври, Денот на народното востание!


