Свет
Русија истрела ракета „Орешник“ врз Лавов, во Киев ноќеска убиени најмалку четири лица
Најмалку четири лица се убиени, а 19 други се повредени во Киев во најновиот руски масовен напад со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта, соопштија утринава градските власти, пренесе ДПА.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека меѓу загинатите е и лекар, додека четворица медицински работници се повредени.
Во нападот е погодена критична инфраструктура, а некои делови од градот се без струја и вода, напиша Кличко на Телеграм.
Западната команда на украинските воздухопловни сили соопшти дека руските сили извршиле напад врз Лавов со употреба на неидентификувана балистичка ракета, пренесува германската агенција.
Украинската војска објави дека ракетата е лансирана од тест-зоната Капустин Јар, во рускиот Астрахан, познато место за лансирање на балистичката ракета „Орешник“.
Градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, рече дека засега е непознато дали станува збор за ракета „Орешник“.
„Војската ќе обезбеди информации“, напиша Садови на Телеграм.
Тој рече дека се регистрирани експлозии во Лавов, но во моментов нема информации за жртви. Цивилните објекти и станбените згради во градот не беа оштетени, додаде тој.
Русија утринава потврди дека употребила ракета со среден дострел „Орешник“ во нападот врз западна Украина, објавија руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, што е втор напад врз Украина со ова оружје.
Според министерството, нападот бил извршен како одговор на „терористичкиот напад“ од страна на Киев врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември 2025 година, пренесува ДПА.
Додадено е дека целите на нападот биле постигнати и дека биле погодени објектите што произведуваат беспилотни летала што се користеле во наводниот напад, како и енергетската инфраструктура.
Украина негираше дека извршила напад врз резиденцијата на Путин и ја обвинува Москва дека го користи лажното тврдење за да ги оправда нападите врз владини згради во Киев.
Руските сили истрелаа ракета „Орешник“ врз украинскиот индустриски град Дњепар во ноември 2024 година, потсетува ДПА.
Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека западните системи за воздушна одбрана не се способни да го пресретнат „Орешник“, што на руски значи лешник. Тој, исто така, рече дека може да погоди цели дури до Западна Европа.
јануари 9, 2026


