Свет
Британскиот премиер Барнам ќе ги објави сите контакти со Манчестер сити по критиките за поддршката на сопствениците
Британскиот премиер Енди Барнам најави дека ќе ги објави сите детали за контактите што ги имал со фудбалскиот клуб Манчестер сити во времето кога беше градоначалник на Голем Манчестер, откако неговата јавна поддршка за сопствениците на клубот предизвика критики и реакции, пренесе ДПА.
Барнам ја даде најавата во интервју за подкастот „Останатото е политика“ (The Rest Is Politics), откако лидерката на опозицијата, Кеми Бејденок, го повика да објави „сè“ што е поврзано со неговата работа со клубот додека ја извршувал градоначалничката функција.
„Но, сега гледам дека луѓето се обидуваат да ги изедначат овие работи. Лидерката на опозицијата побара од мене да ги објавам деталите од моите средби, што со задоволство ќе го направам. Јасно ќе објавам сè што сум презел во соработката со сопствениците на клубот во претходната функција на градоначалник на Голем Манчестер. Всушност, ниту една од тие средби не е од понов датум. Имав само една значајна средба, во 2021 година. Тоа е точно и ќе ги објавам сите детали“, рече Барнам.
Тој нагласи дека прашањата поврзани со фудбалските регулативи треба да се разграничат од прашањата за инвестициите, истакнувајќи дека прекршувањата на фудбалските правила се сериозно прашање со кое мора да се постапува, а постапката е независна и треба да заврши според предвидените процедури.
Реакциите следуваат откако Манчестер сити беше прогласен за виновен за прекршување на финансиските правила на Премиер-лигата во периодот од 2009 до 2018 година, по што клубот ја негираше вината и поднесе жалба. Независна комисија на Премиер-лигата утврди оти клубот склучувал фиктивни комерцијални договори со спонзори како дел од прикриена шема за финансирање, во која преостанатиот дел од средствата бил обезбедуван од компанијата „Абу Даби јунајтед груп инвестмент енд девелопмент“ (Abu Dhabi United Group Investment & Development Ltd), во мнозинска сопственост на шеикот Мансур бин Зајед ал Нахјан, кој е и мнозински сопственик на клубот.
Минатиот месец Барнам изјави дека би бил „навистина загрижен“ доколку сопствениците од Абу Даби одлучат да го продадат клубот, нарекувајќи ги „огромен партнер во изградбата на модерниот Манчестер“. По неговата изјава, кабинетот на премиерот се обиде дополнително да го разјасни неговиот став, наведувајќи дека Барнам смета оти одлуката е сериозна и дека, доколку се утврди неправилно постапување, одговорните треба да ги сносат последиците.
октомври 12, 2026


