Connect with us

Свет

Зеленски ги очекува деталите од САД за енергетското примирје, Франција и ЕУ ја поддржаа идејата за прекин на огнот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува дополнителни информации од САД за енергетското примирје меѓу Украина и Русија за кое соопшти американскиот претседател Доналд Трамп, додека Франција и Европската Унија изразија поддршка за иницијативата.

Украинскиот претседател денеска на Телеграм објави дека Украина го поддржува прекинот на огнот (врз енергетската инфраструктура) и дека е важно со него да се согласи и Русија.

„Украина го поддржува прекинот на огнот и важно е што и Русија го поддржува. Ги очекуваме деталите од американската страна“, напиша Зеленски, додавајќи дека Украина секогаш целосно ги поддржува чекорите за деескалација, заштита на човечките животи и гарантирање траен мир.

Тој посочи дека непосредно пред објавата за најавата на Трамп разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, канадскиот премиер Марк Карни и со финскиот претседател Александер Стуб. Претходно, во интервју за порталот „Аксиос“, Зеленски изјави дека ова е новост за него и дека не е запознаен со најавениот договор за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, но истакна дека Украина ќе прифати таков договор доколку Русија се согласила на него.

Трамп претходно денеска на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) објави дека Русија и Украина постигнале договор за енергетско примирје кое стапува во сила веднаш.

„Од овој момент има ЕНЕРГЕТСКО ПРИМИРЈЕ во војната меѓу Русија и Украина. Двете страни се согласија на тоа. Не го прекршувајте! Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање“, напиша Трамп.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција безрезервно го поддржува секој повик за вистинско енергетско примирје, на кое Украина е подготвена да се согласи, но забележа дека во овој момент Русија продолжува да одбива такво примирје и ги засилува нападите врз украинската инфраструктура. Макрон додаде дека Франција ќе продолжи да стои покрај Украина и претседателот Зеленски, без директно да се осврне на повиците на Трамп за нов украински лидер или на договорот на Вашингтон со Москва за испорака на дизел-гориво.

Поддршка за повикот на Зеленски за прекин на огнот изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. По разговорот со украинскиот претседател, таа на социјалната мрежа Икс напиша дека целосно го поддржува прекинот на огнот со кој би се заштитиле глобалните синџири за снабдување со храна и енергетската инфраструктура во Украина и Русија. Таа му даде поддршка на Зеленски, истакнувајќи дека тој се бори за слободата на украинскиот народ, и најави дека на следниот состанок на ЕУ ќе се разговара за дополнителна финансиска поддршка за Украина за набавка на беспилотни летала и ракети. 

Ad
Ad