Connect with us

Свет

Анкета на „Пјаве“: Владејачката коалиција на Мелони го губи прагот од 42 отсто за изборниот бонус

Доколку во Италија сега се одржат избори според новиот изборен закон предложен од владејачката десничарска коалиција, таа нема да освои најмногу гласови и нема да го добие предвидениот бонус од дополнителни места во двата дома на парламентот. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење на социолошкиот институт „Пјаве“, спроведено за изданието „Фанпејџ“.

Според истражувањето, вкупната поддршка за партиите од владината коалиција изнесува 40,6 отсто, што значи дека тие не би го достигнале потребниот праг од 42 отсто во двата дома на парламентот за добивање на бонусот.

Според анкетата, на прво место е партијата „Браќа на Италија“ на премиерката Џорџа Мелони со 26,6 отсто од гласовите. На второ место е левоцентристичката Демократска партија со 21 отсто, а на трето е левичарското опозициско „Движење 5 ѕвезди“ со 12,6 отсто. На четвртото место е крајнодесничарската партија „Национална иднина“ со 7,7 отсто, а на петтото е десноцентристичката „Форца Италија“ со 7,3 отсто. На шестото место е левичарско-еколошката коалиција „Зелена левица“ со 6,4 отсто, додека на седмото е крајнодесничарската „Лига“ со 5,6 отсто. Анкетата ѝ дава 1,1 отсто од гласовите на малата десничарска партија „Ние, умерените“, која е дел од актуелната владејачка коалиција на Мелони, заедно со „Браќа на Италија“, „Лига“ и „Форца Италија“.

Засега десничарската коалиција на Мелони не сака да се здружи со партијата „Национална иднина“ на пензионираниот генерал Роберто Ваначи, со која има значителни разлики по повеќе прашања, меѓу кои и поддршката за Украина. Меѓутоа, доколку десницата на Мелони сепак се обедини со партијата на Ваначи, вкупната поддршка за таа коалиција би достигнала 48,3 отсто и бонусот би ѝ припаднал на десницата.

Од друга страна, вкупната поддршка за трите левичарски партии изнесува 39,9 отсто, додека трите центристички партии – „Акција“, „Италија Вива“ и „Повеќе Европа“ – имаат поддршка од 3,4, 2,5 и 1,5 отсто. Доколку на изборите се приклучат кон левичарските партии, вкупната поддршка за таквата широка коалиција би изнесувала 47,3 отсто, што исто така би ѝ го донело бонусот од дополнителни места во парламентот.

Доколку левичарските партии организираат внатрепартиски избори за избор на кандидат за премиер, анкетата покажува дека прв би се пласирал поранешниот премиер Џузепе Конте со 42 отсто, пред Ели Шлајн со 38 отсто. Конте е лидер на „Движењето 5 ѕвезди“, а Шлајн ја предводи Демократската партија.

Истражувањето ги рангира и најпопуларните политичари во Италија. На прво место е левичарот Винченцо Де Лука, поранешен претседател на регионот Кампанија, кој сега е градоначалник на Салерно, со 39 отсто поддршка. На второ место е Конте со 38 отсто, а на трето Мелони со 36 отсто. Следуваат градоначалничката на Џенова, Силвија Салис, со 30 отсто, Шлајн со 29 отсто, министерот за надворешни работи Антонио Тајани со 27 отсто и вицепремиерот и министер за инфраструктура Матео Салвини со 24 отсто. 

Ad
Ad