Свет
Почна годишниот состанок на ММФ и Светската банка во Бангкок
Годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) почна денеска во Бангкок и ќе трае до 18 октомври, а во фокусот ќе бидат изгледите за светската економија, финансиската стабилност, долгот, инфлацијата и економскиот раст, но и сè поголемото влијание на вештачката интелигенција врз пазарите на труд, јавните финансии и глобалната економија.
Денешната програма е посветена на перспективите на пазарот на труд во Азија во ерата на вештачката интелигенција, како и на дискусиите со младите лидери од Азија за силите кои ја обликуваат иднината на регионот и нивните последици врз младите. Анализата на милиони интернет-огласи за работа треба да даде увид во тоа како вештачката интелигенција ја менува побарувачката за работници и какви предизвици носи тоа за креаторите на економската политика.
Меѓу клучните настани ќе биде презентацијата на новиот Извештај за светските економски изгледи (WEO) на 13 октомври во 9:00 часот по локално време, односно во 4:00 часот наутро по средноевропско летно време. Истиот ден во 10:15 часот по локално време, ММФ ќе го презентира Извештајот за глобалната финансиска стабилност, додека презентацијата на Фискалниот монитор е закажана за 14 октомври во 9:00 часот.
ММФ ќе ги презентира и истражувањата за односот меѓу економската безбедност и ефикасноста на синџирите на снабдување, а еден ден подоцна ќе биде презентирана анализа за поуките од претходните кризи на трошоците за живот. Важна тема ќе бидат и енергијата и безбедноста на снабдувањето, кои се преплетуваат со инфлацијата и монетарната политика. Во пресрет на состанокот, ММФ наведе дека цените на енергијата се сè уште високи, дека процесот на намалување на инфлацијата во одделни земји е во застој и оти растот на цените на енергијата влијае врз очекувањата за идната монетарна политика.
Овогодишниот состанок во Бангкок ќе биде прв годишен собир на ММФ и Светската банка во Тајланд од 1991 година, а изборот на Бангкок ја одразува сè поголемата улога на Азија во обликувањето на глобалната економска и финансиска стабилност, наведува ММФ на својата веб-страница.
октомври 12, 2026


