Свет
Туск: За серијата напади со ножеви во училиштата е виновна фасцинацијата од култот на насилство
Полскиот премиер Доналд Туск на вонредниот состанок во Варшава по повод серијата напади со ножеви во училиштата во Полска, три во само четири последни дена, најави дека зајакнатите мерки за безбедност и контроли во училиштата продолжуваат и утре, а за нападите ги обвини „мрачната фасцинација од насилство“.
– В понеделник исто така ќе има контроли. Не затоа што се зголемува ризикот, туку таквите инциденти, посебно оние два брутални, предизвикуваат силни емоции. Тоа е тема на денот и во групите на нивните врсници. Свесни сме дека на некого може спонтано да му падне на памет опасна идеја – изјави Туск.
Серија од шест напади со ножеви почна на 22 септември, а оттогаш напаѓачите, кои се малолетници, избодоа ученици или наставници, додека во еден напад ученик ја уби хигиеничарката.
Според полскиот премиер, тоа не е дело на некоја организирана група со план, туку се работи за спонтани напади.
– Тоа се спонтани постапки кои се одраз на активностите на мрежите. Последните години и месеци забележуваме пораст на фасцинацијата од насилство. Соочени сме, како во Полска така и ширум светот, со многу мрачна мода на насилство – рече Туск.
Полскиот премиер предупреди дека полските служби посебно внимание посветуваат на групи млади на мрежите кои ги фасцинира насилството од времето на Втората светска војна и кои бараат фашистички и нацистички содржини.
– Гледаме, меѓутоа, и еден позитивен аспект од драматичните настани во последните денови. Позитивен во тоа што имаме сигнали дека родителите почнуваат да контролираат што ги интересира децата на интернет и што ги фасцинира. Тоа е многу важно затоа што не сакаме да ги контролираме училиштата со полициски методи – рече Туск.
Полската полиција почна контроли во училиштата во четвртокот по двата напади – во среда, кога во Остроленка во Мазовското Војводство 19-годишен ученик нападна и избоде со нож девет лица, меѓу кои петмина ученици и двајца наставници, а во ранецот кај него беше пронајден и експлозив од домашно производство.
Следниот ден, во четвртокот, во основно училиште во местото Лешчидол-Новини во истиот регион на Полска, 15-годишник со нож ги нападна директорот, една од учителките и хигиеничарката, која им подлегна на повредите за време на транспортот кон болницата, додека во последниот напад во саботата во Варшава 21-годишна девојка со нож нападна и повреди три други девојки.
октомври 11, 2026

