Connect with us

Вести

Министертвото најави вонреден надзор во Центарот за социјални работи Скопје по трагедијата во Карпош

Министерство за социјална политика, демографија и млади денеска соопшти дека по вчерашниот трагичен случај во кој мајка и дете го загубија својот живот, се врши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјална работа Скопје, и оти по неговото завршување јавноста ќе биде запознаена со наодите и понатамошните мерки. Според првичните информации, починатата жена и сопругот првпат се евидентирани во ЦСР Скопје во октомври лани, додека на 2 февруари до нив е примен допис од МВР за физички напад на сопругот врз сопругата.

– Постапувајќи согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, Министерството веднаш изврши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата. Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за прв пат се евидентирани во Центарот на 07.10.2025 година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак. Во однос на пријавено насилство, допис од Министерството за внатрешни работи е примен и заведен во Центарот на 02.02.2026 година, а се однесува на настан од 19.12.2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир односно физички напад на сопругот врз сопругата, се наведува во соопштението од Министерството.

Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување Министерството, како што се додава, транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки.

– Министерството будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита, наведуваат оттаму.

Во соопштението се потенцира дека Министерството има јасен и недвосмислен став: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено, а одговорност мора да има согласно закон.

– Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и нема да дозволиме институционални слабости да останат неадресирани.

Во населбата Карпош вчера нешто по 14 часот, мајка и дете паднаа од балкон и двете починаа. Обвинителството денеска соопшти дека за случајот е задржано едно лице.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4