Connect with us

Живот

Нови наоди за егзопланетата „ТОИ-561 б“, обвиена со атмосфера, слично како Земјата

Астрономи од САД открија густа атмосфера околу мала, карпеста планета што наликува на топка од жешка лава, сместена вон Сончевиот Систем – на 280 светлосни години од Земјата, објавија денеска западните медиуми.

Откритието, направено со помош на телескопот „Џејмс Веб“, ја доведува во прашање сегашната теорија дека релативно малите планети, коишто се доста блиску до своите ѕвезди, не можат да имаат сопствена атмосфера. Заклучоците на тим астрономи предводени од стручњаци од американскиот Институт „Карнеги“ претставуваат најсилен доказ досега за постоење на атмосфера околу карпеста егзопланета. Астрономите ги објавија своите наоди во журналот „Астрофизикал џурнал летерс“ (Astrophysical Journal Letters).

Планетата наречена „ТОИ-561 б“, а нарекувана и „Супер-Земја“ првпат е забележана во 2020 година и има дијаметар 1,4 пати поголем од оној на нашата планета Земја. Својот круг околу ѕвездата-домаќин „ТОИ-561“, егзопланетата го завршува за помалку од 11 часа и затоа ѝ припаѓа на ретката класа небесни тела познати како ултракраткопериодични егзопланети.

– Она што ја издвојува оваа планета е нејзината густина, што е аномалија. Таа е помалку густа од очекуваното, а составот на нејзината внатрешност не е доволен за да ја објасни оваа аномалија, рече една од авторките на студијата, Јохана Теске.

Научниците ја измериле температурата на осветлената страна на планетата, којашто достигнува 1.800 Целзиусови степени, но сепак е пониска од очекуваното за ваква карпеста планета. Анџали Пите од Универзитетот во Бирмингем, Англија – една од авторките на научниот труд, заклучи дека токму густата и нестабилна атмосфера околу оваа планета може да ги објасни сите наоди што ги направиле астрономите. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4