Connect with us

Регион

Мицотакис: ЕУ интеграцијата на Молдавија, Украина и земјите од Западен Балкан за нас е стратешки приоритет

На претстојната дискусија на Европскиот совет, ќе повторам дека интеграцијата на Молдавија, Украина и земјите од Западен Балкан е стратешки приоритет за нас, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по средбата со претседателката на Молдавија Маја Санду, која нагласи дека со проширувањето, Европската Унија го проширува просторот на мир, стабилност и можности, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер посочи дека процесот на интеграција е „меритократска процедура, која пред сè зависи од постигнувањата на секоја земја-кандидат“, а во однос на Молдавија нагласи дека „напредокот е неспорен и дека тоа треба да биде признаено од европските институции“, додека пак паралелно ја изрази подготвеноста на Грција да помогне со техничка помош.

Претседателката на Молдавија нагласи дека ЕУ интеграцијата на земјата за нив е „најважен национален проект од независноста и е стратешка неопходност и стратегија за преживување во ера кога агресор продолжува да ја контролира безбедноста“.

– Проширувањето отсекогаш ја правело Европа посилна, политички, економски и во однос на безбедноста. Молдавија сака активно да придонесе кон таа заедничка сила. Исто така, разговаравме за пошироката европска агенда за проширување. Западен Балкан, Украина и Молдавија ја делат истата аспирација да се приклучат на обединетата Европа во мир и солидарност. Секоја земја го следи својот пат, но учиме едни од други и се поддржуваме еден со друг во напредокот. Проширувањето не е само стратешки приоритет. Тоа европски мировен проект. Со проширувањето, Европската Унија го проширува просторот на мир, стабилност и можности, истакна Санду.

Дополнително, грчкиот премиер и молдавската претседателка разговарале и за билатералната економска соработка со акцентот на енергетиката и на Вертикалниот коридор, за што Мицотакис истакна дека е „проект што ја менува енергетската и геополитичката карта на поширокиот регион, почнувајќи од Грција и завршувајќи, преку Молдавија, до Украина“.

– Тоа е разврска што ја претвора Грција во енергетски центар, но, би рекол и во сигурен снабдувач на енергетска безбедност низ целиот регион, придонесувајќи на овој начин за геополитичка стабилност, рече Мицотакис и додаде дека „Грција има водечка улога во алтернативна рута, со цел Европа уште побрзо да се ослободи од зависноста од рускиот гас“.

Санду нагласи дека Грција е енергетски центар во Јужна Европа, а Молдавија станува транзитна рута за регионални текови на течен природен гас.

Дополнително ја изрази поддршката за Украина и рече дека регионалната енергетска безбедност мора да се зајакне во време кога отпорноста на ограничувањата на поврзаноста е подеднакво важна.

Но и дека „поддршката на Украина и зајакнувањето на нашата колективна отпорност остануваат неопходни за безбедноста на целиот европски континент“. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2