Сцена
Сидни Свини: Не секогаш создаваме уметност само за бројки, туку пред се за влијание
Новиот биографски филм со Сидни Свини во главната улога, заработи 1,3 милиони долари во првиот викенд од киноприкажувањата, наспроти вложените 15 милиони американски долари. И покрај тој првичен своевиден неуспех на киноблагајните, американската глумица вели дека е „длабоко горда“ на својот нов филм.
Во филмот „Кристи“, Свини ја глуми боксерката Кристи Мартин, која преживеа обид за убиство од нејзиниот поранешен сопруг, Џејмс Мартин, кој бил и нејзин тренер, а потоа таа на светот му откри дека е хомосексуалка. Филмот го режираше Австралиецот Дејвид Мишо. Во објава на Инстаграм, Свини напиша дека претставувањето на личност „толку силна и отпорна како Кристи Мартин“ е „една од најголемите почести“ во нејзиниот живот.
„Овој филм го слави преживувањето, храброста и надежта“, рече Свини, осврнувајќи се на подигањето на свеста за семејното насилство и наведувајќи дека приказната на Мартин „може да спаси животи“ и тимот зад филмот верувал во тоа.
„Ви благодарам на сите што ја погледнаа оваа приказна, ја почувствуваа, веруваа и ќе веруваат во неа во годините што доаѓаат“, напиша Свини. – „Ако ѝ дал само на една жена храброст да го направи својот прв чекор кон безбедноста, тогаш филмот успеал“, нагласи потоа глумицата.
Во однос на првичната лоша заработка, Свини додаде: „Не секогаш создаваме уметност само за бројки, туку пред сѐ за влијание. А, Кристи беше највлијателниот проект во мојот живот. Ти благодарам, Кристи. Те сакам.“
Според порталите „Боксофис моџо“ и „Намберс“, до денеска, филмот има заработено 1,43 милиони долари. Засега, оценката на ИМДБ е 6 /10, а на „Ротен томатос“ го препорачуваат 65 отсто од критичарите, и 97 отсто од гледачите.
ноември 13, 2025

