Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова: Заклетвата е обврска кон државата, но и кон вистината и правдата

Заклетвата не е само патриотски зборови, туку израз на решеност, истрајност и верност, порача денеска  претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод полагањето заклетва на 29-та класа питомци на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, истакнувајќи ја важноста на нивната улога во зачувувањето на слободата, безбедноста и стабилноста на државата.

Таа нагласи дека новите офицери стапуваат во служба во време на глобални предизвици, воени конфликти и геополитички тензии, и дека од нив се очекува да ги почитуваат највисоките професионални и морални стандарди. Претседателката потсети на значењето на Воената академија како темелна институција за одбранбено образование, која не само што ги образува идните македонски офицери, туку и промовира регионална соработка.

-Знам дека доаѓате од различни географски простори, потекнувате од различен социјален амбиент, имате различна етничка, верска, јазична и друга припадност. Но, сиве овие белези, во моментов се ирелевантни, не само за вас, туку и за мене, оти јас во вас гледам внимателно построени питомци на кои, како врховна командантка на Армијата сум особено горда, им верувам и ги охрабрувам на патот што го одбрале, истакна претседателката, додавајќи дека униформата што ја носат е симбол на знаење, посветеност и храброст, рече Сиљановска – Давкова.

Претседателката ја нагласи важноста на Академијата која е отворена и за питомците на НАТО и на партнерските држави.

-За мене, регионалното разбирање и соработката се важни претпоставки на регионалниот развој, но и на регионалната стабилност. Споделувањето знаења, вештини и искуства, ја подобрува колективната одбрана и безбедност, а усогласената надворешна и безбедносна политика со ЕУ го зајакнува  европскиот и нашиот имунитет, истакна Сиљановска-Давкова.

Во својот говор, таа се осврна и на ликот на генерал Михајло Апостолски, чиј дух и вредности, како што рече, треба да бидат водилка за новите генерации.

– Ако верувате дека знаењето е огромна моќ, тогаш еден ден и вие ќе образувате други, порача Сиљановска-Давкова.

Заклетва на 29-та класа на питомци и студенти и слушатели од Курсот за офицери и штабни службеници положија 31 питомец и 28 слушатели, а оваа година на Воената академија образовниот процес ќе го следат пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2