Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Нека е вечен Денот на народното востание, да ги почитуваме жртвите и хероите и заеднички да градиме подобра иднина за сите во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ на сите македонски граѓани им го честита Денот на народното востание, ден кој покажа дека со сплотеност, упорност и жртва може да се оствари вековниот сон за слободна и независна Македонија.
Народното востание е продолжување на идеалот на Илинденците кои со голема жртва го платија сонот за независна држава, но кој го задржа духот и кај следните генерации, за сега ние, сегашните генерации за ги уживаме целосно правата и обврските на независноста.
Во таа борба на народното востание против фашизмот и окупацијата, пред олтарот на слободата, Македонија даде бројни знајни и незнајни јунаци, кои без да размислуваат за себе и своите семејства, влегоа во борба за ослободување и одбрана на заедничкиот дом.
Затоа, сега на сите нам ни е обврска тој заеднички дом Македонија, стекнат со многу труд, жртва и страдање заеднички да го развиваме и унапредуваме, за државата да биде просперитетна, со развиена економија, образование, здравство.
Држава во која младите генерации своето семејство и иднина ќе ја градат тука, а не по белиот свет и тоа не е обврска само на една владина гарнитура, туку на сите општествени и политички чинители.
Затоа, сите заедно, Македонија да ја направиме подобро место за живеење, во која ќе се почитува и вреднува жртвата на хероите и ќе се гради иднината на новите генерации.
Нека е вечен Денот на народното востание и споменот на паднатите борци.
октомври 11, 2025