Фудбал
Реакции на белгиските медиуми по синоќешното реми на Белгија против македонската репрезентација

Весникот „Соар“ оценува дека ремито со Македонија претставува неуспех за Белгија и предупредување во пресрет на продолжување на квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
„Болна загуба на бодови со последици: Црвените ѓаволи не можеа да постигнат гол против Македонија и ја загубија лидерската позиција“, „(Селекторот) Руди Гарсија е тој што загуби два бода“, „Заслуживме да победиме: Фрустрации по ремито на „Црвените ѓаволи“ против Македонија“, „Директните квалификации на Светското првенство одеднаш доведени во прашање“, „Беа пропуштени сите шанси“, „Руди Гарсија прибери се!“, „Студен туш врз амбициите на „Ѓаволите“ пред Кардиф“, „’Црвените ѓаволи’ паднаа пред ѕидот на Северна Македонија“… се дел од насловите во белгиските медиуми по синоќешниот фудбалски натпревар во Гент, што заврши со резултат 0:0.
Белгискиот јавен радиодифузен сервис на холандски јазик ВРТ наведува дека по ремито 1:1 во Скопје во јуни, „Црвените ѓаволи“ повторно не успеаја да ја совладаат македонската репрезентација во квалификациите за Светското првенство.
– Каков фрустрирачки тим е Македонија за Белгијците во овие квалификации. Притискаа и шутираа, но ѕидот не падна. Зад голот на гостите во Гент имаше црвен ѕид од навивачи, а пред него стоеше бел ѕид од Македонци, се наведува во коментарот на ВРТ.
Според медиумот, синоќешното реми во Гент одеднаш му дава шанса на Велс да го освои првото место во квалификациската група, па ако Белгија сака да се пласира на Мундијалот ќе мора да се покаже в понеделник против велшката репрезентација.
– В понеделник, „Црвените ѓаволи“ ги чека можеби најважниот натпревар во поновата историја. Нов неуспех не е опција ако сакаме да одиме Светското првенство во 2026 година. Подгответе се за натпреварот на вистината против Велс, порачува ВРТ.
Белгискиот јавен радиодифузен сервис на француски јазик РТБФ оценува дека со синоќешниот нерешен резултат против македонската репрезентација, октомвриската квалификациска фаза која е клучна за пласман на Мундијалот почна лошо за „Црвените ѓаволи“.
– Овој нерешен резултат на крајот и одговара само на Македонија, смета РТБФ.
Според медиумот, белгиската репрезентација под водство на селекторот на Руди Гарсија и покрај 25-те шутеви кон македонскиот голот, не беше во можност да ја искористат својата целосна, но стерилна доминација.
– Ако треба да го сумираме натпреварот со еден збор, би рекле дека Руди Гарсија е тој што загуби два бода, се додаде во коментарот на РТБФ.
Белгиската подружница на РТЛ оценува дека фрустрација е најдобриот збор што го опишува чувството на Белгијците по синоќешниот натпревар.
– Имаа 11 играчи пред голот. Ретко сум видел такво нешто, беше доста необично. Дури и шутот од далечина беше тежок, изјави по мечот за РТЛ белгискиот репрезентативец Артур Теат.
Според телевизијата, бодот против нашата репрезентација не е доволен и ако Белгија сака да се пласира на Светското првенство ќе мора да победи в понеделник на гостувањето против Велс во Кардиф.
Весникот „Соар“ оценува дека ремито со Македонија претставува неуспех за Белгија и предупредување во пресрет на продолжување на квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
– И покрај јасната доминација во играта, „Црвените ѓаволи“ ремизираа 0:0 против Македонија. Јасно барајќи бод, балканскиот тим ги искористи сите трикови за да го урне рекордот во игра на својата половина, наведува весникот.
„Стандард“ смета дека по синоќешното ремито 0-0 на „Црвените ѓаволи“ против Македонија, одеднаш е доведен во прашање нивниот директен пласман на Светското првенство.
– Северна Македонија постигна брилијантен резултат во Белгија, доведувајќи ги „Црвените ѓаволи“ до реми 0-0 на преполниот стадион во Гент. Белгија сега мора да избегне пораз во Велс за да остане на патот за Светското првенство во 2026 година, оценува весникот.
„Стандард“ пренесува и изјава на Гарсија дека резултатот е разочарувачки, иако белгиските фудбалери направиле се што можат за да победат.
– За жал, фудбалот е единствениот спорт каде што можеш да бидеш ултра-доминантен, а сепак да не победуваш секогаш. Понекогаш дури и губиш, што за среќа овој пат го избегнавме, додаде Гарсија.
„Хет Лацте Њуз“ наведува дека синоќешниот настап на белгиската репрезентација бил фрустрирачки и разочарувачки, па сега селекторот Гарсија „ќе мора да се прибере“ и да освои барем еден бод в понеделник во Кардиф или во спротивно ситуацијата ќе стане многу деликатна околу „пласманот во САД.“.
Весникот „Дерние Ер“ во осврт на натпреварот оценува дека „Црвените ѓаволи“ сторија се, но белгиските шутеви „завршуваа во македонскиот ѕид“.
– Белгијците го поминаа своето време плетејќи околу противничкиот шеснаесетник, понекогаш дури и во него, но Македонците го туркаа концептот на блокирање до крајност. Честопати дури имаше и седум играчи во последната линија пред Димитриевски, нивниот одличен голман, додава весникот.
„Нет Њузблат“ оценува дека белгиските фудбалери ги попуштиле сите шанси на синоќешниот меч и одново загубиле значајни бодови, со што нивниот пласман на Светското првенство останува се уште далеку.
– „Црвените ѓаволи“ и Руди Гарсија ќе треба да ги покажат своите најдобри карти в понеделник кога ќе гостуваат во Велс, додава весникот.
октомври 11, 2025