Свет
Путин во посета на Таџикистан

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска ја почна тридневната посета на Таџикистан, каде ќе има средби и со лидерите на поранешните советски републики.
За Русија врските со поранешните советски републики од Централна Азија се од големо значење по западните санкции поради војната во Украина.
Предвидено е Путин да се сретне со претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, а потоа ќе учествува на Самитот Русија и земјите од Централна Азија (Казахстан, Киргистан, Туркменистан и Узбекистан). Додека на 10 октомври лидерите на Азербејџан, Ерменија и Белорусија ќе се придружат на средбата на Заедницата на независни држави.
Иако Таџикистан е член на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој во 2023 година издаде налог за апсење на Путин, за наводни воени злосторства поврзани со руските дејствија во Украина, рускиот претседател не е во опасност да биде притворен. Земјата во голема мера се потпира на политичката, економската и воената поддршка од Москва.
Путин во септември минатата година беше во официјална посета на Монголија, друга земја-членка на МКС, која исто така ги игнорираше повиците за негово апсење
октомври 9, 2025