Вести
Македонец од Кочани пронајден мртов во Љубљана, најверојатно бил претепан до смрт

До Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври 2025 година, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани. Согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
-Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката, соопшти МНРиНТ.
Како што претходно информиравме, на улица во Љубљана во петокот бил пронајден мртов човек, кој по анализите и истрагата, е идентификуван како 38-годишен маж од Македонија, соопшти словенечката полиција
– Пронајденото безживотно тело, кое во петокот беше пријавено во полицијата на Љубљана, му припаѓа на 38-годишен државјанин на Македонија – потврди портпаролката на полициската управа во Љубљана Шпела Шкопорц.
Според првичните неофицијални информации, тој бил претепан до смрт.
– Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди – најави портпаролката.
октомври 6, 2025