Фудбал
Спенс пред историја да биде прв муслиман во англиската репрезентација

Фудбалерот на Тотенхем, Џед Спенс, би можел да влезе во историјата како прв муслиман кој ќе настапи во дресот на Англија, објави денеска „Скај Спорт“.
Дваесетипетгодишниот Спенс е меѓу двајцата дебитанти во составот на селекторот Томас Тухел за претстојните мундијалски квалификациски натпревари против Андора и Србија.
„Го видов тоа. Тоа е благослов, неверојатно. Бев изненаден кога слушнав дека сум првиот. Навистина сум без зборови“, рече Спенс.
Одговарајќи на новинарско прашање дали чувствува притисок што е првиот играч од неговата вера во националниот тим, поранешниот младински репрезентативец на Англија рече: „Можеби да, можеби не. Не чувствувам притисок поради такви работи. Само играм фудбал со насмевка и среќа, а останатото ќе се среди само по себе.“
Дефанзивецот на Тотенхем е важна алка во составот на лондонскиот тим оваа сезона и редовно ја нагласува својата религиозност на социјалните мрежи.