Connect with us

Сцена

„Траг во бескрајот“: Илјадници фанови ја пееја музиката на Оливер Драгоевиќ во Вела Лука

Во родната Вела Лука, со концерт насловен „Траг во бескрајот“, беше одбележана седмата годишнина од смртта на музичката легенда Оливер Драгоевиќ.

Настапија некои од најпознатите имиња на хрватската и регионалната музичка сцена: Нина Бадриќ, Теди Спалато, Марко Толја, Петар Драгоевиќ, Ришпет, Марко Шкугор, Дино Јелушиќ, клапа Каше, Ели Жувела, Антонио Серано, Мирослав Тадиќ, Влатко Стефановски, Ивет Холцварт и клапа Шуфит.

Музика, емоции и палење бакли

Концертот започна со песната „Не дирај моју љубав“, која ја изведоа Теди Спалато, Едо Бралиќ и Клапа Шуфит. Потоа Петар Драгоевиќ ја исполни емотивната „Траг у бескрају“, а публиката со одушевување го пречека и настапот на Марко Шкугор, кога започна и првата бакљада.

Публиката беше воодушевена и од Дино Јелушиќ, кој ги отпеа песните „Још овај пут“ и „Што учинила си ти“, а голем аплауз доби и Иво Амулиќ со Ришпет, кои ја исполнија „Кад ми дођеш ти“.

Концертот заврши со вечната „Цесарица“, повторно во изведба на Петар Драгоевиќ.

Промовиран албум со необјавени песни на Оливер

Во склоп на одбележувањето, во Вела Лука беше промовиран и нов албум со досега необјавени песни на Оливер, насловен „Долазиш“. На промоцијата присуствуваа неговата сопруга Весна, блиски пријатели и колеги.

„Снимањето траеше четири години. Оливер веќе имаше снимено шест песни, а потоа од стотина демо-снимки на Винко Барчота, што Оливер ги снимал, избравме уште шест. Така настана албумот“, објасни Весна, пренесува Dalmacija Danas.

Миса и семејно сеќавање

На денот на годишнината се одржа и миса во Вела Лука, на која присуствуваа удовицата Весна, синовите Дамир, Давор и Дино со своите семејства, како и неќакот Петар Драгоевиќ.

По мисата беа изведени некои од најемотивните песни на Оливер. Клапа Каше од Дубровник ја исполни „Дишперадун“, а „Ноктурно“ го свиреа Анте Гело и светскиот мајстор на усна хармоника Антонио Серано.