Технологија
Кина претстави хуманоиден робот што сам си ја менува батеријата – работи без пауза

Кинеската компанија UBTECH го претстави најновиот модел на хуманоиден робот наречен Walker S2, кој може да работи непрекинато благодарение на автоматска замена на батеријата – без никаква човечка помош.
Роботот е висок 162 сантиметри, тежи 43 килограми, и користи две 48-волтни литиумски батерии, со кои може да оди до 2 часа или да стои до 4 часа без полнење.
Сам си ја заменува батеријата
Најимпресивната функција на овој робот е можноста самостојно да ја препознае потребата за замена на батерија, да се упати до станица за полнење, да ја извади потрошената батерија од својот грб и да вметне нова, сето тоа без никаква човечка интервенција.
Во промотивно видео објавено на 17 јули, роботот е прикажан како ги извршува овие чекори прецизно и автономно, што претставува значаен технолошки напредок.
Walker S2 е способен сам да процени дали треба да ја смени батеријата или да почека полнење, зависно од итноста на задачите што ги извршува – пренесува кинескиот портал CnEVPost.
Подготвен за фабрики, аеродроми и хотели
Walker S2 е дизајниран за користење во индустриски објекти, јавни простори, аеродроми, хотели, и други динамични средини. Може да дочека посетители, да помага во логистика, или да асистира на персоналот.
Роботот има 20 степени на слобода во движењата, што овозможува реалистична мобилност и интеракција. Се поврзува преку Wi-Fi и Bluetooth, што му овозможува да комуницира со паметни системи и други уреди.
Иако не работи долго со една батерија, фактот што може сам да ја замени го прави пионер во новата генерација автономни хуманоидни роботи, кои можат да функционираат нон-стоп без надзор, дури и во сложени логистички услови.
август 5, 2025