Свет
Дарманен: Повеќе од 80 одсто од приведените во текот на протестите ќе бидат кривично гонети
Повеќе од 80 отсто од лицата приведени за време на насилните протести низ Франција изминатиот викенд ќе се соочат со кривично гонење, изјави денеска францускиот министер за правда, Жералд Дарманен.
„Од 2.331 лице приведено во Франција од саботата, 70 отсто се полнолетни. Во моментов, десетици учесници во немирите остануваат во притвор, вклучително и 13 во Марсеј“, рече Дарманен.
Во интервју за францускиот јавен телевизиски канал „Франс 2“, Дарманен оцени дека крајната левица претставува „слаба точка“ за француските разузнавачки служби, кои играат клучна улога во борбата против тероризмот и организираниот криминал.
„Француските разузнавачки служби се во првите редови во борбата против исламистичкиот тероризам и се силни во однос на организираниот криминал – тие играат важна улога и во сузбивањето на странското мешање – но очигледно не знаат како ефикасно да се справат со крајната левица“, изјави Дарманен.
Тој посочи дека крајно левичарските групи – кои, според него, се обидуваат да ги дестабилизираат државните институции – би можеле да претставуваат една од главните закани за Франција во наредните години.
Министерот за правда, исто така, изрази поддршка за министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, кој по немирите му понуди оставка на претседателот Емануел Макрон, но оставката не беше прифатена.
„Да се биде министер за внатрешни работи е многу тешка работа. И покрај пропустите во одржувањето на редот што беа забележани овој викенд, јас го поддржувам Лоран Нуњез“, изјави Дарманен.
октомври 19, 2026


