Connect with us

Туризам

Најдобрите европски дестинации за одмор и долговечност

Долговечноста вообичаено не подразбира скапи уреди, или специјални додатоци во исхраната, туку клучот лежи во усвојувањето здрави животни навики. Токму тоа го прават жителите на таканаречените „Сини зони“ – области со висок број стогодишници.

Во Европа постојат две добро познати „Сини зони“ – областа Икарија во Грција и италијанскиот остров Сардинија, но и многу други места што негуваат животни навики за коишто се верува дека придонесуваат за долговечност, како што се редовното пешачење, едноставната исхрана и силното чувство за заедница. Така, оние кои би сакале да искусат начин на живот што промовира долговечност, без никакви сложени рутини, можеби ќе ги интересира новата ранг-листа на најдобри европски дестинации за долговечност, составена од компанијата „Си-ви вилас (CV Villas)“.

Според „Еуроњуз (Euronews)“, компанијата анализирала речиси 100 дестинации врз основа на неколку животни принципи од истражувањето, наречени „Деветте моќни принципи“ или „Power 9“, на Ден Бјутнер за „Сините зони“, доделувајќи ѝ на секоја од нив оценка за долговечност на скала од 0 до 100. Критериумите вклучуваат можности за пешачење (проценети врз основа на конфигурацијата на теренот), темпото на живот (мерено преку просечниот годишен број работни часови), бројот на ресторани што нудат вегански јадења и винарии по глава на жител, како и чувството за заедницата (проценето врз основа на бројот на кафулиња и цркви по глава на жител).

– Од можностите за пешачење и квалитетната храна, па сè до чувството за заедницата и генерално побавното темпо на живот од она на коешто многумина од нас се навикнати, овие дестинации нудат сè што треба да понуди еден добар, релаксирачки одмор. Иако Европа има само две официјално признати „Сини зони“, нашето долгогодишно искуство и познавање на овие дестинации покажуваат дека многу други места на континентот негуваат сличен начин на живот, изјави Хана Маршал, менаџер за маркетинг во „Си-ви“.

Така, четири од првите 20 места се наоѓаат на Малта, вклучително и прворангираната Валета. Главниот град на Малта го зазеде првото место, нудејќи „токму таков вид на секојдневно движење и избалансирано темпо на живот кои придонесуваат за долговечност“, а благодарение на бројните места за дружење со храна и можностите за пешачење.

Грчкиот остров Паксос е на второто место. Тој е издвоен поради силното чувство за заедницата, опуштениот начин на живот и можностите за пешачење, додека неговата недопрена природна средина „им овозможува на туристите навистина да забават и целосно да се опуштат, прифаќајќи го околниот начин на живот“, се наведува.

Натаму, третото место му припадна на Сен Тропе, Франција, додека четвртото место го зазеде една донекаде неочекувана дестинација – Егер во Унгарија.

Следат топ-20 европски дестинации за долговечност: Валета, Малта; Паксос, Грција; Сен Тропе, Франција; Егер, Унгарија; Мдина, Малта; Ибица, Шпанија; Таормина, Италија; Лефкада, Грција; Будва, Црна Гора; Дингл, Ирска; Несебар, Бугарија; Бад Ишл, Австрија; Пиран, Словенија; Олесунд, Норвешка; Сент Џулијанс, Малта; Гозо, Малта; Ксамил, Албанија; Левоча, Словачка; Бордо, Франција; Нови Сад, Србија.

Ad
Ad