Вести
Се врши есхумација на уште една повозрасна жена, има сомнежи дека е поврзана со серискиот убиец од Старо Нагоричане
Денеска се врши ексхумација на уште една повозрасна жена за која ЈОРСМ има сомнеж дека е жртва на дваесет и петгодишниот овчар од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство, соопшти денеска обвинителството. Инаку, како што информираа од казнено-поправната установа Куманово (затвор К’шање), Т.Б. денеска е спроведен на Клиника за психијатриско вештачење.
По наредба на судија на претходна постапка, осомничениот Т.Б. денеска е спроведен во ЈЗУ Универзитетска Клиника за Психијатрија за психијатриско вештачење. По завршувањето ќе биде вратен во КПУ Затвор Куманово на издржување мерка притвор – изјави директорот на установата, Оливер Цветковски.
На вчерашниот брифинг со новинарите ЈОРСМ соопшти дека истрагата против дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек се проширува за уште едно убиство. Засега има докази за две убиства, како и за еден обид за убиство, а ДНК анализата ги поврзува случаите со осомничениот Т.Б. кој работел како овчар. Претходно беше извршена ексхумација и обдукција на помлада жена.
Од обвинителството информираа и дека се издадени наредби до МВР да ги достават сите претходни пријави и поплаки за осомничениот, врз основа на кои ќе се утврди дали имало пропусти во постапувањето.
МВР доби наредба да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци, сите можни настани врз основа на кои ние понатаму ќе утврдуваме што е пријавено, кој постапил, кој не постапил – нагласија од обвинителството.
Против дваесет и петгодишниот Т. Б., како што информираа претходно од СВР Куманово, биле поднесени и кривична пријава поради постоење основано сомнение дека е извршител на две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.
март 3, 2026

