Connect with us

Живот

Реконструирано лице на Хомо-еректус од пред 1,5 милиони години, научниците делумно изненадени

Научници од САД дигитално го реконструираа лицето на фосил на Хомо-еректус, стар 1,5 милиони години, од Етиопија, откривајќи карактеристики кои се попримитивни отколку што се сметаше претходно и предизвикувајќи ги воспоставените ставови за раната човечка еволуција.

Фосилот, познат како „ДАН-5“, е откриен на наоѓалиштето Гона во регионот Афар во Етиопија и датира од пред околу 1,5-1,6 милиони години, според истражување објавено неделава во списанието „Нејчр“ (Nature). Меѓународен истражувачки тим, предводен од палеоантропологот Карен Баб од Среднозападниот Универзитет кај Чикаго, користел напредни техники на 3-Д снимање за да го реконструира лицето со комбинирање на фрагменти од лицето со претходно опишана мозочна обвивка. Истражувачите велат дека реконструкцијата покажува изненадувачка мешавина од карактеристики. Додека мозочната обвивка се совпаѓа со класичните одлики на Хомо-еректус, лицето и забите личат на оние на многу поодамнешни човекови предци.

Овој спој посочува дека раните популации на Хомо-еректус биле анатомски поразновидни отколку што долго време се претпоставуваше.

Според научниците, наодите отвораат нови прашања за праисторијата и потеклото на Хомо-еректусот. Примитивните црти на лицето може да укажуваат дека некои африкански популации ги задржале одликите на еволутивните предци долго откако тој вид почнал да се шири низ континентот и во Евроазија. „ДАН-5“ се поврзува и со едноставни орудија и со посложените рачни секири, што укажува на своевидна „техничка флексибилност“ кај тогашните луѓе.

Научните наоди, исто така, ја истакнуваат важноста на областа Гона, откаде што се ископани некои од најстарите фосили и камени алатки од праисториските луѓе досега пронајдени.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1