Сцена
На 21 и 23 ноември стенд-ап спектакл „На Линија со Атанас И Тино“ во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
На 21 и 23 ноември во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје ќе се одржи стенд-ап спектакл „На Линија со Атанас И Тино“, на која ќе настапат актерите Валентин Костадиновски – Тино и Атанас Атанасовски. На двете стенд-ап настани први на сцената ќе настапат Антонио Ташковски и Александар Михајловски.
Организаторите на денешната прес-конферфенција информираа дека веќе е распродаден првиот настан за 21 ноември. Очекуваат полна сала и на вториот настан на 23 ноември. Посочија дека тие се македонските артисти кои што продавале најмногу карти во последните 12 месеци, односно 40 – 50 илјади карти.
Стенд-ап артистите нагласија дека секој ден во Македонија е можност за нова тема за стенд-ап. Потенцираа дека се чувствуваат неискажани, затоа што, секогаш чувствуваат дека имаат уште нешто да кажат. Во обработувањето на темите за стенд-ап настаните тргнуваат од тоа што на нив им е смешно и тоа што мислат дека има добра подлога за градење.
Валентин Костадиновски-Тино истакна дека насловот на стенд-апот има симболично значење – она линија што не поврзува сите, колку и да сме различни и колку и да размислуваме исто и колку и да имаме различни ставови, сепак треба да бидеме на линија едни со други.
-Иако стенд-апот како форма постои кај нас многу поодамна, мене многу повеќе ми е драго што се повеќе луѓе и се повеќе места го овозможуваат стенд-апот како форма да види бел ден и многу луѓе доаѓаат и уживаат и полека сите сфаќаме колку тоа е силна форма која е коректор на општеството. Воедно, и носи позитивна енергија расположение и лекува како што ние би сакале да кажеме. Веројатно, како општество сфативме дека менталната хигиена е подеднакво важна како и физичката хигиена. Стенд-апот, театарот и уметноста воопшто овозможува таа ментална хигиена да допре до секој од нас. Многу ми е драго што стенд-ап комичари почнаа да полнат арени. Досега тоа беа само пејачи и К15. Драго ми е што стенд-апот заживува и Скопје почнува да личи барем во однос на стенд-ап сцената на Њујорк, рече Тино.
Атанас Атанасовски нагласи дека живееме во време на телефоните и очекува овие стенд-ап настани да дадат надеж дека животот и смислата ќе ги најдеме сите заедно на едно место во живо, а не на телефоните.
-Живееме во едно бесмислено време, односно живееме во телефоните. Не живееме веќе. Мислам дека оваа средба што ќе се случи на 21 и 23 ни дава надеж дека животот и смислата ќе ги најдеме кога сме сите заедно на едно место во живо, а не на телефоните. Ќе се излечеме сите заедно. Ќе се забавуваме и очекувам да дојдете во што е поголем број. Многу ни е мило што први ќе настапат Антонио Ташковски и Александар Михајловски, бидејќи, после нас и тие како дуо настапуваат и имаат слична енергија и сензибилитет. Му го должиме ова на Скопје. Покрај сите градови што ги поминавме, ние сме скопјани, ние сме од Скопје и тука е нашето финале. Ние голема одговорност чувствуваме за овој град и ќе дадеме се што можеме и повторно да не кренат со нивниот аплауз и ќе чувствуваме како дома, рече Атанасовски.
Претставниците на македонскиот Олимписки комитет на Тино и Атанас им доделија благодарница и бесплатен десетти јубилеен настан
ноември 7, 2025

