Connect with us

Регион

Министерството за транспорт на Грција со смс порака до граѓаните: Ако го сакаш твоето семејство, внимавај како возиш

Преку смс порака испратена на мобилните телефони, Министерството за транспорт на Грција ги потсетува граѓаните да бидат внимателни додека возат во следните денови во пресрет на грчкиот национален празник во вторник, што воедно е првпат конкретното министерство на овој начин да испрати апел до Грците, јави дописничката на МИА од Атина.

– За време на ланскиот продолжен викенд за 28 октомври, 14 луѓе ги загубија своите животи на патиштата. Ако го сакаш твоето семејство, внимавај како возиш.Среќен пат. Министерство за транспорт, е пораката што ја добија граѓаните во Грција, без разлика дали се возачи или не.

Слична порака испрати и алтернативниот-министер за транспорт на Грција Константинос Киранакис преку социјалните мрежи, како и грчката Влада, која нагласи дека „нашето однесување на патиштата има последици, не само за нашата безбедност, туку и за животите на другите возачи, патниците и пешаците“.

Од Министерството за транспорт упатија апел до сите возачи да бидат внимателни додека возат и потсетија дека „повеќето сообраќајни несреќи со смртни последици се случуваат поради: возење под дејство на алкохол, возење ноќе со замор, користење мобилен телефон, пребрзо возење, неносење кацига и неносење појас“.

-По продолжениот викенд, сите да се вратиме безбедно кај нашите семејства, порачаа од Министерството за транспорт на Грција.

Во вторник во Грција ќе се одбележи годишнината од грчкиот негативен одговор на италијанскиот ултиматум во 1940 година, односно т.н. Ден „Охи“ (Не), а се очекува голем дел од Грците викендот да го спојат со празникот и да го искористат за патување низ земјата, како што е пракса за празниците

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1
Маркетинг