Connect with us

Фудбал

Празнична роденденска победа на ФК Пелистер против Динамо Букурешт

Во пријателски празничен фудбалски натпревар, посветен на јубилејот 80 години од формирањето на клубот, вечерва во Битола, ФК Пелистер го совлада романскиот шампион Динамо од Букурешт со 2:0, полувреме 0:0.

Натпреварот почна со почесен удар од центарот на игралиштето што го изведе Власте Мицевски, највозрасниот член на ФК „Пелистер“, а потоа во спортски и фер-плеј дуел, битолчани го совладаа гостинот од Романија со 2:0.

Двата голови на средбатат беа постигнати во второто полувреме. Првиот погодок беше автогол од Тоадер во 75 минута и вториот гол на Ристевски кој во 88 минута погоди со удар од пенал, со што фудбалерите и навивачите чкембари го прославија заедничкиот роденден.

На празничниот пријателски фудбалски натпревар му претходеше свечена академија на која во присусво на истакнати фудбалски ѕвезди на клубот, меѓу кои Митко Стојковски, Кочо Баљари, Тони Мицевски, Благој Китановски, Ванчо Мицевски и бројни фудбалски работници беа доделени посебни признанија на фудбалерите Петар Упалевски и Спасевски за успешна фудбалска кариера, на Драган Димитровски за најдобар стрелец во историјата на клубот и на Бруно Пресилски кој го постигна првиот гол за клубот во Првата македонска фудбалска лига.

Организаторот и домаќин на свеченостите за фудбалската јавност презентираше видеопроекции од настапите на ФК Пелистер во поранешната Втора лига Исток, како и во поранешната Прва југословенска лига кога ФК Пелистер во Битола, меѓудругите клубови, ги одмери силите со Црвена ѕвезда и Партизан.