Општини
Николоски: Во Охрид ќе имаме историски најголема победа

Во Охрид ќе имаме историски најголема победа на 19 октомври. Кирил Пецаков реализираше бројни проекти и е првиот градоначалник на општината што има далеку поголема поддршка за разлика од првиот пат кога бил избран, истакна вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на средба со охриѓани.
– Не е лесно во општина како Охрид, после четири години да се застане со чист образ и да се побара уште четири години мандат, и притоа да се има резултати позади себе и да се има визија за иднината. Јас досега не можам да се сетам на градоначалник на општината кој после завршување на мандатот, завршил без ниту една афера, без ниту еден скандал, со бројни реализирани проекти, со чист образ и со уште поголема поддршка отколку претходниот пат. Таков е Кирил Пецаков и затоа сум убеден дека ќе има историски најголема победа од било кој градоначалник што победил во Охрид, рече Николоски.
Николоски се осврна и на потешкотиите со кои градоначалникот се соочувал во првите три години од мандатот.
– Првите години за градоначалникот беа многу, многу тешки. СДСМ соочена со пораз, не само што не помагаше, туку реално и одмагаше, не само во однос на проекти, не само во однос на автопатот Охрид-Кичево, туку и во однос на општината. Во такви услови, со три години влада на СДСМ и ДУИ, Кирил Пецаков, успеа да ја раздолжи општина Охрид, нешто што претходно беше мисловна именка за сите и успеа да реализира бројни инфраструктурни проекти. Претходната влада не беше среќна со тоа, немаше недела или Финансова полиција, или обвинителство да не влезе во општината, мислејќи дека којзнае што ќе најдат, но кога работите чесно, нема што да се најде, и затоа после четири години имаме градоначалник кој има далеку поголема поддршка од тоа што имал првиот пат кога бил избран, рече Николоски.
Се осврна и на изградбата на автопатот Охрид – Кичево посочувајќи дека за година и три месеци се завршени 37 од 57 километри.
– Иако бројни пријатели ме советуваа да не се зафаќам со оваа работа, мојата одлука беше дека прво ќе се занимаваме со овој проект, и еве сме на помалку од година дена откако беше избрана Владата, успеавме од 57км да завршиме 37км. Сукцесивно ќе продолжиме да ги пуштаме и останатите делови и до крајот на следната година, целиот автопат ќе биде завршен. Прв пат во историја на државата ќе завршиме нешто како што е предвидено во рок, потенцира Николоски.
Рече дека активно се работи и на автопатите Букојчани-Гостивар и Гостивар-Тетово, а веќе се пристигнати понуди и за изградба на автопатот од Кичево до Букојчани, со што до крајот на 2028 година ќе се оствари деценискиот сон за целосно автопатско поврзување на Скопје со Охрид и Струга.
Најави рехабилитација на патот Битола-Ресен-Охрид, обиколница кај Ресен и целосна рехабилитација на делот од Подмоље до Струга и Струга-Дебар-Маврово.
октомври 13, 2025