Connect with us

Општини

Мицкоски од Штип: За прв пат по седум години јавниот долг на државата е намален за 4,7 проценти од БДП

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од митингот во Штип се осврна и на економските резултати посочувајќи дека во изминатите 15 месеци Владата има направено се да ја нормализира државата бидејќи затекнале разрушени темели и нефункционален систем.

Тој пред штипјани истакна дека во 2024 година е постигнато историско највисоко ниво на директни странски инвестиции од една милјарда 255 милиони евра, со што, како што рече, Македонија станала повторно лидер во регионот.

– Една од трите земји во Европа по глава на жител, за да не бидеме погрешно толкувани од оние наши злонамерни политички противници. Градеа кампања дека сме ги задолжиле неродените генерации. Градеа кампања на тоа дека сме ја задолжиле Македонија за дополнителни седум милјарди евра. Но, овие незнајковци од опозицијата треба навистина да учат како се води економија и макроекономија и за прв пат после седум години јавниот долг на државата е намален за 4,7 проценти од Бруто домашниот производ (БДП). Тоа е нешто што досега седум години по ред не се случуваше. Истовремено ја вративме обврзницата, која што претходната Влада ја зема во 2018 година во вредност од половина милјарда евра, 500 милиони евра вративме на 19 јануари 2025 година. Но, на непријатните изненадувања тука не им е крајот, бидејќи следната година веќе во април во 2026 година треба да вратиме нови 700 милиони евра, коишто ги зема претходната Влада, рече Мицкоски.

Посочи дека во изминатите 15 месеци се пуштени неколку делници низ државата и дека е  интензивирана работата на автопатите Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола, како и на автопатот Кичево-Охрид, од кои 33 километри се пуштени во употреба, а доколку се продолжи со оваа динамика се очекува во првиот квартал од 2027 година да се пушти целосно делницата од Кичево до Охрид. Воведени се и 11 авиолинии на двата аеродроми во земјата, доделени се и 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија.

Додаде дека имаат постигнато, како што рече, иисториски договори со синдикатите во образованието и здравството, со коишто платите ќе пораснат до 50 проценти, а на вработените во МВР им се зголемени платите за 10 проценти.

Забележа дека за време на кампањата за парламентарните избори имале три фундаметални ветувања. За линеарното зголемување на пензиите, рече дека веќе е реализирано, а реализирано е и второто ветување дека годишно од централниот буџет ќе реалоцираат до 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините.

– Само во првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа потпишавме договори во вредност од 350 милиони евра и ако на тоа се додадат програмите што посебни ресори ги имаат во општините, преку Министерствата за образование, транспорт, култура, спорт, земјоделие, животна средина итн., доаѓаме до фантастични половина милјарда евра, 500 милиони евра средства од централниот буџет за општините, за капитални инвестиции. Тоа не го направила, ниту една Влада во независна Македонија, во целиот свој мандат, подвлече Мицкоски.

За третото ветување дека ДУИ ќе оди во опозиција, рече дека исто така е реализирано и дека ќе останат во опозиција  уште долго време.

Мицкоски посочи дека изминатите четири години градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ изградиле улици и булевари во должина од 770 километр, со вкупна вредност од 100 милиони евра, 47 километри водоводи, 91 километар канализации,седум пазари од затворен тип, 12 пречистителни станици….

За актуелниот градоначалник на Штип, кој е и кандидат за нов мандат во оваа општина, Мицкоски рече дека Јорданов покажал и докажал како се работи за својот град.

-Иван е борец и голем патриот, и затоа ја има мојата лична поддршка и поддршката на Владата. До сега направивме многу за Штип. Продолжуваме да градиме уште многу заеднички проекти, подвлече Мицкоски на вечершаниот централен митинг на ВМРО ДПМНЕ во Штип.