Connect with us

Скопје

Се отстрануваат опожарените бараки кај „Партизан“, Герасимовски изврши увид во активностите

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за целосно отстранување на опожарените бараки во кои беше сместен поранешниот Суд за прекршоци, кај салата „Партизан“ во Градскиот парк. Во рамки на акцијата се отстрануваат темелните бетонски плочи и армираните конструкции врз кои беа поставени бараките, како и отпадот што со години се таложел на локацијата, соопшти Општина Центар. 

Герасимовски изјавил дека овој простор, „претворен во мини депонија, претставува потенцијална опасност за здравјето и безбедноста на жителите“.

-Напуштените бараки, во кои се собираа бездомници, неколку пати беа опожарени. Наша цел е локацијата да ја исчистиме, уредиме и повторно да ја ставиме во функција на граѓаните, изјавил  Герасимовски.

Општината наведува дека се работи за површина од околу 1000 квадратни метри, во државна сопственост, која со децении е нефункционална и запуштена.

-Според важечкиот ДУП и новиот ДУП што е во изработка, на предметната локација е предвидена класа на намена В1 – образование и наука, односно основно училиште, информира Општината.