Култура
Охридскиот „Завод и музеј“ добитник на наградата „Жива“ на Форумот за словенски култури

Националната установа „Завод и музеј – Охрид“ е добитник на престижната награда „Жива“ за 2025 година за најдобар словенски локалитет, доделена на Форумот на словенски култури одржан деновиве во Требиње, Босна и Херцеговина.
Наградата „Жива“ се доделува во рамки на Меѓународната конференција организирана од Форумот, како признание за категориите најдобар словенски музеј и најдобар словенски локалитет.
Наградите „Жива“ се ценат како транснационална културна платформа посветена на промовирање на заштитата, зачувувањето, образованието, комуникацијата и општествената улога на словенските музеи и локалитети, во словенската заедница што опфаќа речиси 250 музеи и локалитети низ 13 словенски земји.
На настанот во Требиње учествуваа над 140 претставници од десет словенски и три други држави, што укажува на виталноста на заедницата на културно наследство, како и на растечкиот углед на наградата „Жива“ во Европа и пошироко.
Посебен белег на овогодинешното издание беше воведувањето на новата награда „Жива“ за најдобро зачувување на словенското наследство низ целиот свет. Таа нова награда ја проширува мисијата на наградата „Жива“ надвор од границите на словенските земји претставени од Форумот на словенски култури.
октомври 12, 2025