Општини
Ќира обвини за притисоци кај општинската администрација, јавните претпријатија и училиштата од страна на ДУИ

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга, Менди Ќира, денеска на прес-конференција обвини дека вработените во општинската администрација, јавните претпријатија и училиштата трпат закани и притисоци од страна на претставници на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ.
Во изминатата недела, десетици граѓани, вработени во општинската администрација и јавните претпријатија, се обратија кај мене и кај претставниците на мојот штаб за да кажат дека биле заплашени со различни закани и притисоци од претставници на НАИ и лица кои ја водат кампањата на мојот противкандидат. Вработените трпат закани дека, доколку не гласаат за кандидатот на НАИ, ќе бидат избркани од работа или ќе бидат тргнати од позициите#, рече Ќира.
Според него, претставниците на НАИ „користеле кампања со стари методи, кои партиите внатре во НАИ ги применувале повеќе од 20 години“.
Посочи дека се вршел притисок и врз општинските инспектори да бидат што повеќе на терен и да вршат условувања врз малите и средните бизниси.
„Притисок врз малите и средните бизниси преку општинските инспектори, кои ги заплашуваат дека доколку не работат и не ги принудуваат своите вработени да гласаат за НАИ, ќе им бидат изречени казни или ќе им се затворат бизнисите. Се врши притисок и врз наставниците, директорите на училиштата и други општински институции“, изјави Ќира.
Тој упати апел до сите претставници на Национална алијанса за интеграција и до оние што стојат зад нив – „веднаш да престанат со заканите и притисоците врз администрацијата на Општината и општинските институции“.
„Доколку продолжат, ќе ги објавиме сите имиња на заканувачите и ќе ги пријавиме во надлежните органи. На граѓаните, на вработените во општинските институции, им порачувам – не плашете се и не подлегнувајте на притисоци. Никој нема да се осмели да ве допре, да ве отпушти или да ве деградира од работното место“, истакна независниот кандидат Ќира.
октомври 12, 2025