Скопје
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие нова атракција – нов, модерен луна парк, целосно ќе ја обновиме и Зоолошката градина

Кога зборуваме за иднината на Скопје, секогаш почнувам од трите основни приоритети на моето делување – обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз. Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но, истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде нашите деца растат со насмевка. Ова го истакна денеска на прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
– Затоа денес зборуваме за обновата на две локации, што за жал, се само дел од убавите сеќавања на сите скопјани – Луна паркот и Зоолошката градина. Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени, истакна Ѓорѓиевски.
Притоа, тој нагласи дека Скопје мора повторно да стане град каде детството има свое место, своја радост и свој дом.
– И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен луна парк, наменет за сите генерации. Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде пристапен за сите. И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео – надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот, подвлече Ѓорѓиевски.
Паралелно со тоа, најави дека ќе ја започнат и целосната обнова на Зоолошката градина – Скопје, дека ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Тој најави исто така дека ќе ги реновираат живеалиштата за животните, според европски стандарди за хуман третман и благосостојба. Поставување на топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео – надзор, систем за безбедност и хигиена.
– Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање, останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку „Скопје сити гоу“ (Skopje City GO), за побрз и полесен пристап, рече тој.
Притоа, додаде дека ќе се изгради бушотина за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење.
– Со ова, Зоолошката – Скопје ќе стане современа, едукативна и хумана институција, што ќе ги привлекува посетителите и ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот. Обновата на Луна паркот и ЗОО – Скопје не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот. Скопје повторно ќе биде град што се грижи за своите улици, за своите жители и за секое дете кое расте во него, подвлече Ѓорѓиевски.
На новинарско прашање, тој одговори дека до јуни 2027 година би требало да е готов луна паркот.
октомври 12, 2025