Connect with us

Скопје

Стефковски: Програма со главен фокус на детска заштита, нула комуналии за изградба на индивидуални објекти за млади брачни парови

Бобан Стефковски, кандидат за градоначалник за општина Гази Баба, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес гостуваше во дебатната емисија „Локални избори 2025 – изборни соочувања“ на МРТ1 и кажа дека изминатите четири години одговорното, чесното и транспарентно работење резултираше со реализација на проекти во сите населени места, водејќи сметка за рамномерен регионален разој на општина Гази Баба. Стефковски истакна дека неговата програма опфаќа вкупно 505 проекти за наредниот период од четири години со главен фокус на детската заштита и изнесе дел од истите.

„Покрај тоа што во моментов се градат градинки во Трубарево и Инџиково, предвидуваме изградба на детска градинка во Керамидница, Хиподром 2, Сингелиќ и Маџари. Изградба на спортски сали и подобрување на спортската инфраструктура предвидуваме во Ченто, Железара, Сингелиќ, Страчинци и да се обнови онаа фискултурна сала во студентскиот дом „Стив Наумов“. Изградба на фекална канализација во населените места Раштак, Виниче, Булачани, Брњарци и Ергеле. Потоа катни гаражи во Автокоманда и во Ченто“, рече Стефковски и додаде:

„Она што ме радува, ветуваме еден проект за младите брачни парови, а тоа е нула комуналии за изградба на индивидуални објекти за младите брачни парови до 29 години, изградба на амбуланта во Автокоманда, субвенции на граѓаните за енергетско ефикасни фасади во колективните згради, за набавка на клими, сончеви колектори, велосипеди. И продолжување на модернизацијата на јавното комунално претпријатие како вистински сервис на граѓаните“.

Стефковски се осврна и на оние проекти кои значат развој и унапредување на општината во делот на мобилност и инфраструктура ги додаде и капиталните проекти содржани во неговата програма, а кои се во насока на решавање на сообраќајниот метеж во општината Гази Баба.

„Изградба на булевар Хрватска во првата фаза од Бутел до Железара и потоа во втората фаза од Железара до Автокоманда, доизградба на булеварот АСНОМ, клучка на булеварот Александар Македонски којашто ќе ја поврзе новата населба Хиподром 2 и индустриската зона Инџиково, комплетна реконструкција на регионалниот пат 1102 којшто води од Ергеле до Дрма, комплетна реконструкција на регионалниот пат којшто води од Хиподром 2 до Илинден и реконструкција на регионалниот пат Јурумлери- Драчево“, заклучи Стефковски.