Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова – Берсе: Советот на Европа има легитимитет да се вклучи во наоѓањето решенија за современите геополитички предизвици

 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Венеција остварила средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе во пресрет на одбележувањето на 35-годишнината од постоењето на Венецијанската комисија.

Како што информираат од Кабинетот на претседателката, на средбата биле разменети мислења за актуелните состојби на европскиот континент. Соговорниците се согласиле дека како најстара и најрепрезентативна европска институција, Советот на Европа има легитимитет да се вклучи во наоѓањето решенија за современите геополитички предизвици. Во тој контекст, генералниот секретар Берсе порачал дека во време на зголемена милитаризација на континентот и назадување на демократијата, неопходно е да се зајакнат демократските институции.

Претседателката го поздравила Новиот демократски пакт за Европа на Советот на Европа, оценувајќи дека иницијативата може да помогне во зајакнување на демократската консолидација на европските држави заради нивна поголема отпорност на растечките авторитарни тенденции.

Осврнувајќи се на македонските евроинтеграции, претседателката истакнала дека поради билатерализацијата, интегративниот процес, наместо да значи исполнување на Копенхагенските критериуми, се злоупотребува за да се наметне ревизија на историјата. Според неа, исполнувањето на обврските и препораките на Советот на Европа и Венецијанската комисија, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права треба да бидат обврска на секоја од земјите-членки.

Од Кабинетот на претседателката информираат дека во однос на земјите од Западниот Балкан, генералниот секретар Берсе посочил дека ако не се отфрлат двојните стандарди, Европската Унија ќе ја изгуби не само кредибилноста, туку и можноста да дејствува во регионот.