Connect with us

Скопје

Шукова: Скопје за две години ќе добие модерен БРТ-систем

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека во рамки на нејзината програма приоритет ќе има имплементацијата на БРТ системот, за што веќе постојат готов проект, документација и обезбедени финансиски средства.

„Првата БРТ линија ќе се протега од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, во должина од 13 километри. Ќе има 21 нова постојка и околу 30 нови автобуси што ќе сообраќаат на секои 5 до 6 минути и ќе можат да превезуваат до 65.000 патници дневно,“ изјави Шукова.

Таа додаде дека линијата може да биде завршена до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, со што Скопје ќе добие модерен, еколошки и ефикасен систем на јавен превоз.

Паралелно со првата линија, ќе се изработува и ново решение за север-југ траса, со што ќе се поврзат сите делови на градот.

„Со двете линии ќе добиеме брз, чист и функционален јавен превоз. Предвидена е и набавка на нови еколошки автобуси, по можност на гас, како и изградба на нови пешачки и велосипедски патеки,“ потенцираше Шукова, додавајќи дека овие активности се дел од планот за Скопје како зелен и модерен европски град.