Скопје
Шукова: Нашата борба денес е за чист воздух, еднакви можности и град без поделби, тоа е современата борба за слобода

По повод Денот на народното востание – 11 Октомври, кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, денеска беше во посета на Сојузот на борците.
Во разговор, се навратија на значењето на овој историски датум, потенцирајќи дека духот на 11 Октомври не е само спомен, туку и траен повик кон секоја генерација да ја продолжи борбата денес, на современ начин.
„Нивната храброст е темелот врз кој ја градиме денешната држава, но и потсетник дека слободата не е подарок – таа се заслужува секој ден, со чесност, работа и грижа еден за друг,“ истакна Шукова.
Како што рече, најдоброто наследство што можеме да го оставиме во чест на борците е создавање на Скопје како град на солидарноста, човечноста и еднаквите можности.
„Нашата борба денес е за чист воздух, еднакви можности и град без поделби – тоа е современата борба за слобода,“ додаде таа.
На средбата, Шукова разговараше и за дел од нејзината програма, во која посебно место зазема грижата за повозрасните граѓани. Таа ги најави мерките за поддршка на пензионерите преку градски ваучери за јавен превоз и културни содржини, како и отворање дневни центри и институции за грижа и активен живот.
„Сакам Скопје да биде град каде секој пензионер ќе може достоинствено да живее, активно да учествува и да биде дел од заедницата,“ порача Шукова, додавајќи дека секоја генерација има своја мисија – нивната била храброст и отпор, а нашата денес е одговорност и единство.
октомври 11, 2025