Општини
Пред Споменикот на револуцијата во Тетово се одбележа Денот на народното востание

Денот на народното востание денеска во Тетово се одбележа пред Споменикот на победата во организација на Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и гарнизонот при касарната „Кузман Јосифоски-Питу“.
Чествувањето започна со интонирање на македонската химна и едноминутно молчење во чест на сите загинати борци во Народно-ослободителната борба и припадници на АРМ и со полагање цвеќе пред Споменикот на победата (револуцијата).
На чествувањето беше прочитан и пригоден историски реферат за значењето на 11 Октомври.
-11 Октомври е продолжување на Слободарските традиции на Македонскиот слободољубив народ, проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување. Со оваа одлука да пристапи кон антифашистичката коалиција, Македонскиот народ застанал на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилната негација на човековите вредности. Затоа Ве замолувам сите простум да ги чествуваме хероите кои со своите животи се заложија за слободата и ни ја овозможија државноста: Мирче Ацев, Кузман Јосифоски-Питу, Елпида Караманди, Стив Наумов, Естреја Овадија-Маре, Страшо Пинџур, Ибе Паликуќа, Ванчо Прќе, Борка Толески и многу други. Незаборав и Вечна слава на хероите но и ветување дека стоиме и ќе стоиме зад нивната жртва и почит кон нивното дело, беше посочено во рефератот.
На одбележувањето цвеќе пред Споменикот на револуцијата положија делегации на општинската организација на Сојузот на борци Тетово, Општина Тетово, од касарната „Кузман Јосифовски Питу“, Секторот за внатрешни работи Тетово, Сојуз на борци Гостивар, Резервни воени офицери, Музеј на град Тетово, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, Левица, Движење ЗНАМ-за наша Македонија, ВМРО Народна партија, Здружение на пензионери на Тетово, Здружение на Срби и Македонци, Македонско-Хрватско Друштво, Српска заедница на Регионален одбор Тетово.
октомври 11, 2025