Политика
Мицкоски: Политиките на СДСМ во однос на прашањата со соседите се чиста капитулација, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи предавства и потценување на државата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во општина Прилеп, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври.
Мицкоски во својот говор се осврна и на националните теми на францускиот предлог и договорот со Бугарија и истакна дека политиката на СДСМ во однос на прашањата со соседите е чиста капитулација, а ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи предавства и потценување на државата.
„Во однос на националните теми и францускиот предлог и договорот со Бугарија сакам да му порачам една јасна работа – дека има разлика од капитулација и борба. Капитулацијата е најлесна, и само човек без морал може да ја гледа како визија и одлучност. Не треба одлучност и визија да ги продадеш националните интереси, за тоа ти треба едноставно да немаш морални граници и елементарно чувство за тоа што е национален интерес. Затоа ви е чудно кога не попуштам со Бугарија и кога се борам заедно со луѓето од Владата. Најлесно е да капитулираш, најтешко е да се бориш. Во борбата ќе имаш и неуспеси, и сопки од домашни предавници, кои ќе ти работат зад грб, но секогаш ќе знаеш дека победата е одговорност а целта е највисока, одбрана на националните интереси. Во борбата секогаш ќе знаеш дека народот е на твоја страна се додека гледаат во тебе искреност и чесност во намерата. Одговорно тврдам дека политиката на СДСМ во однос на прашањата со соседите беше чиста капитулација и тоа во некои случаи директно поврзана со корупција на високи функционери, но ќе дојде време и за тоа ќе зборуваме повеќе. Консензус со СДСМ за прашањето за Бугарија е исто како да имаш консензус со крадец на банки да отвориш банка. Додека нема јасен план со јасни и гаранции со кои ќе се врзат рацете на секој што сака да направи предавство и сега и во иднина нема шанси за разгвор на оваа тема“ кажа Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за број 9 на 19 октомври.
„Доаѓа време на работа, време на чест, време на резултати! И кога ќе ја погледнеме иднината, ќе можеме да кажеме со гордост: Да, ова беше вистинскиот избор. Ова беше нашиот човек. Ова е нашето место. И да, ние ова место го одбранивме, и заедно ја изградиме нашата иднина. На 19 октомври да гласаме за број 9“ заклучи Мицкоски.
октомври 11, 2025