Connect with us

Култура

Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ со концерт одбележа 75 години постоење

Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ со свечен концерт што се одржа вчеравечер во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок” во Тетово одбележа 75 години постоење.  Свеченоста беше отворена со историски час, на кој професорката по пијано Соња Андонов се осврна на формирањето на училиштето во кое наставата почнала да се одржува во март 1950 година. 

Таа посочи дека во евиденцијата на училиштето, првиот директор на училиштето, Спиро Гребенароски, бележи дека на 10.12.1949 е донесено Решение да со отвори Нижо музичко училиште во Тетово.

-Министерството за просвета на Народна Република Македонија на 6 јануари 1950 година испраќа согласност, по што веќе на 1 февруари 1950 година училиштето се формира со што се вбројува меѓу првите музички училишта во Македонија.  Училиштето започнува да работи во истиот објект во којшто се наоѓа и денес. Наставата започнува на 1 март 1950, со запишани вкупно 49 ученика, и тоа 24 за пијано и 25 за виолина. Виолина предаваат Спиро Гребенаровски и Гани Јахја,  а солфеж и пијано Урбано Андроли.  Набрзо бројот на новозапишани ученици постепено се зголемува. Се формира хор, како и виолински оркестар. Првиот концерт за родителите и граѓаните е приреден во салата на ОУ „Лирија“ во 1953 година, истакна Соња Андонов.

Неколку датуми се значајни за тетовското музичко училиште. На 9 декември 1991 година, по повод празникот посветен на Свети Климент, свечено е отворена новата концертна сала во состав на училиштето.

-Денес оваа сала претставува своевиден центар за културата на градот бидејќи освен јавни часови и концерти на учениците од училиштето, се одржуваат и други настани, како на пример: настапи на репродуктивни уметници, камерни состави и ансамбли од државата и од странство, изложби, поетски манифестации, промоции на книги и слично.  Денот на свеченото пуштање во употреба на салата, 8 декември, е земен за датум на кој оттогаш, секоја година, со свечен концерт училиштето  го обележува својот патронен празник, посочи таа.

Во 2001 година училиштето се преименува и кон постоечкото име „Основно музичко училиште“ го додава името на композиторот академик Тодор Скаловски – Тетоец, основоположник на музичкиот живот во Македонија по Втората светска војна.

-Во 2004 во училиштето, покрај основниот оддел, започнуваат да работат и паралелки за средно музичко образование и училиштето повторно се преименува во Државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“, име кое го носи и денеска, истакна Соња Андонов.

Музичкиот дел го отвори хорот и оркестарот на Државното музичко училиште ,,Тодор Скалоски-Тетоец” со настап по повод 75-годишниот јубилеј на училиштето. Потоа на концертот настапија и други ученици, поранешни ученици и наставници.