Скопје
Андоновски: Ѓорче Петров ќе биде меѓу првите општини со бесплатни „Wi-Fi“ зони

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, денеска, ја посети Општина Ѓорче Петров, каде оствари средба со градоначалникот на Општината, Александар Стојковски, со кого најавија воспоставување бесплатни „Wi-Fi“ зони во паркот на Ѓорче Петров.
Како што посочи Андоновски, Општина Ѓорче Петров е една од првите општини каде ќе се реализира проектот за поставување на бесплатни „Wi-Fi“ зони, со поддршка од Европската унија преку планот за Западен Балкан.
-Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира со проект поддржан од Европската унија преку Планот за Западен Балкан, односно „Wi-Fi“ за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации за повеќе од 60 општини каде што ова ќе биде реализирано. Ова е проект којшто целосно го фасилитираше Министерството за дигитална трансформација, посочи Андоновски.
Бесплатни „Wi-Fi“ зони, додаде, ќе бидат воспоставени на повеќе од 10 локации во Скопје каде граѓаните ќе имаат пристап до бесплатен интернет. Освен проектот за бесплатно „Wi-Fi“, тој ги посочи и останатите проекти на Министерството за дигитализација на општините.
-Започнуваме со реализација на проектот на електронски услуги за општините којшто го реализираме еден дел во партнерство со УНДП, Министерството за локална самоуправа, додека останатиот дел го реализираме ние како Министерство. За помалите општини праксата е да реализираме и бесплатни веб страници. Сите оние коишто немаат нови безбедни воедначени веб страници што нудат услуга и презентација на граѓаните, сега ќе го овозможиме, за повеќе од 50 општини ќе биде отворен повикот. Останатиот дел е електронското управување со предмети т.н. Документ менаџмент систем кој веќе е присутен во 20 државни институции и една општина, посочи министерот.
Интересот кај општините е голем, рече Андоновски, и најави дека следната година проектот ќе се реализира со засилена динамика. Според него, во 2026 година ќе бидат вклучени повеќе од 10 општини.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Стојковски, пак, покрај проектите за дигитализација на општинските услуги и надградбата на веќе постоечките системи, го истакна проектот којшто целосно е финансиран од Општината, односно Географско-информацискиот систем со кој ќе се овозможи експресно добивање на документи како што се изводи на детални урбанистички планови.
Со системот, додаде, Општината ќе има целосна евиденција за планските елементи кои што се наоѓаат на територија на општината, како што се зеленилото, урбаната опрема и сѐ она што може да се евидентира како сопственост на Општината.
-Најавивме целосна дигитализација на општинските услуги, исто така, дигитализација на веќе постоечките системи и нивна надградба, но она што сум посебно горд што е инвестиција на Општината Ѓорче Петров е поставување на ГИС систем, односно Географско-информациски систем којшто досега го немаше општината. Ние го имаме во тест период и наскоро ќе го имаме достапен за јавноста, рече Стојковски.
Тој воедно најави дека продолжуваат со надградба на системот за издавање на градежни дозволи преку ГИС системот.
-Тука ќе се обидеме да воведеме една нова алатка со вештачка интелигенција која што ќе овозможи побрз проток и одговор на предметите во нашиот систем, затоа што дигитализацијата нуди една подобра услуга за граѓаните. Секогаш кога има помалку човечки фактор, граѓаните добиваат подобра услуга, а секако и дека со алатките кои што ќе ни се овозможат од страна на ресорното Министерство, односно дигитализација на нашата архива и Документ менаџмент системот којшто треба да се имплицира ќе бидат уште поголеми придобивките, рече Стојковски.
октомври 11, 2025