Општини
Димитриевски на средба со граѓанските организации од Куманово
Кандидатот за градоначалник од Движењето ЗНАМ- За наша Македонија, Куманово, Максим Димитриевски денеска се сретна со претставници на граѓанските и невладините организации кои функционираат во општината. Средбата како што информираше Димитриевски, била коректна и позитивна.
– На средбата присуствуваа голем број претставници. Разговараме како општина Куманово соработува со нив и изразија големо задоволство и разговаравме за претстојните проекти коишто би следеле во периодот, доколку ние како кандидати ја добиеме поддршката, изјави Димитриевски.
Тој ги повика, младите, креативни луѓе да се организираат, да формираат свои невладини организации, да се здружуваат, бидејќи тие се партнери на општината, организации кои придонесуваат за решавање на голем број проблеми во општината и државата. Во наредниот период во програмата на движењето ЗНАМ, додаде кандидатот за градоначалник, предвидени се повеќе проекти за различни категории граѓани. Дел од проектите се однесуваат за заштита на животната средина, намалување на бројот на диви депонии, секојдневната хигиена, активното учество на младите луѓе во функционирањето на градот. Акцент ќе се сстави и на поддршката на ромската етничка заедница, активно учество во локалните процеси.
Димитриевски уште еднаш го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче да одбере медиум и новинар за дебата, одговарајќи на новинарски прашања, откако претседателот на СДСМ ја одби поканата со образложение дека не сака дебата со „подизведувач на ВМРО ДПМНЕ“. Димитриевски возврати дека Филипче не може да ја претставува социјалдемократијата.
– Советникот на министерот на смртта во Владата на Груевски, денеска од позиција на самопрогласен лидер на опозицијата, обвинува за соработка, човек којшто првично не дели никакви социјалдемократски вредности, човек којшто своето време го поминува во луксуз и раскош на јахти, во скапи автомобили. Во континуитет поддржан од неговиот политички гуру, Зоран Заев не може да биде човек којшто ќе ја претставува социјалдемократијата во Македонија. Истиот, ниту знае, со колкав имот располага, ниту може самиот, становите да си ги преброи, изјави Димитриевски.
Тој остави јавноста да процени дали Филипче е вистинскиот социјалдемократ, укажувајќи дека таа некогаш државотворна партија, денеска е сведена да дојде и под 100.000 гласа во државата и оти секојдневно ја напуштаат нејзини членови кои се придружуваат во ЗНАМ, зашто го препознаваат дека ЗНАМ како политичка партија која настанала од обичните граѓани и ги држи „асномските“ и „крушевските“ вредности.
– Јас денеска ќе повторам. Нека избере време, нека избере место, нека избере новинар или новинари дури и оние негови апологети коишто му се на платниот список и нека се одважи да дојде на телевизиски дуел, пред лицето на јавноста да ги изнесеме аргументите и фактите, па да видиме кој е подизведувач и да видиме кој е „сабконтрактор“ во овој момент. Бидејќи, колку што гледам неговото време претежно го поминува во Дубаи, па треба да даде и објаснување на многу отворени прашања во јавноста, од начинот, како тоа се добива златна виза за Дубаи, за сите инвестиции, со кои средства се прават и пласираат таму. Бидејќи, за да добиете таква виза првенствено треба да бидете инвеститор во таа држава. Како тоа еден човек од позиција со докторка плата поседува толкав имот, кажа Димитриевски.
Тој рече дека сите лажни обвинувања кон него, за кои рече дека биле составен дел од добро осмислена негативна кампања ги отфрли, посочувајќи дека тука се институциите на системот тоа да го проверат и додавајќи дека се што поседува уредно го пријавил, согласно законот во државните институции, за разлика од Филипче, за кого рече „не знае се што има затоа и претпоставува дека го нема пријавено“.
– Венко одважи се и излези да се соочиме пред јавноста и верувам дека ќе смогнеш сила и храброст, а слободно поведи си сопствена публика, јас ќе бидам сам, рече Димитриевски.
октомври 9, 2025

