Connect with us

Вести

По трет пат се одложува почетокот на судењето за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Судскиот процес по поднесениот обвинителен предлог за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за театар и библиотека во Тетово денеска се одложи за 25 ноември.

При констатирањето на присуство на обвинетите адвокатот Халит Исени до судот достави потврда од доктор дека судењето поради здравствени причини не може да го следи обвинетиот Артан Арслани. Воедно адвокатот Исени информираше и дека не можел да изврши целосен увид во предметот и затоа бара одложување на почетокот на рочиштето

„На 17 септември добив термин за увид на во списите на 26 септември и можев да направам увид на само дел од материјалот. Добив нов термин на 2 октомври кога поради технички услови-немаше електрична енергија во судот, не можев да извршам увид во списите“, образложи адвокатот Халит Исени.

Судијата Елведин Ферати го прифати барањето и потоа констатираше дека нема услови за одржување на главната расправа по што донесе решение за одлага во ноември.

Почетокот на судскиот процес беше закажан прв пат на 14 јули и од тогаш се одложуваше за 17 септември и 8 октомври.

Во декември 2024 година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираше дека по спроведена сеопфатна истражна постапка до основниот кривичен суд Скопје има поднесе обвинителни акти против четири луѓе и за едно правно лице.

Обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово Урбан План Констракшн, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и ВД директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.

Обвинителството тогаш објави дека првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата.