Connect with us

Општини

Општина Пустец станува се попосакувана дестинација за туристите, за девет месеци ја посетиле 50 илјади

Општина Пустец, со своите природни убавини, езерската шир и многуте цркви и манастири, станува се попосакувана дестинација за туристите.

-Во изминатите девет месеци од годинава нашата општина ја посетија околу 50 илјади туристи. Освен домашни и посетители од Македонија, од година во година се зголемува бројот на туристи од многу европски земји, кои, како што самите велат восхитени се од убавините на нашата општина, рече за МИА, Пали Колефски, градоначалник.

Додава дека само преку една македонска туристичка агенција во последните десеттина дена областа ја посетиле 35 туристички групи.

-Ова покажува дека Пустец сè повеќе привлекува посетители од целиот свет, како дел од турите за откривање на убавините на Албанија. Покрај другото туристите го посетија Островот Мал Град и беа воодушевени од пештерската црква, посочува тој.

Групите, според него, се придружувани од локални водичи, кои обезбедуваат детално запознавање со историјата, природата и културата на регионот.

-Во последните години вложивме многу напори и реализиравме повеќе проекти, со кои е подобрена патната инфраструктура, имаме уредени плажи, редовно водоснабдување. И понатаму ќе преземаме активности за создавање услови за престој на туристите, нагласува Колефски.

Очекува годинава да биде надминат бројот од 80 илјади  туристи колку што  ја посетиле општината минатата година.

Општина Пустец ја сочинуваат девет населени места распослани на брегот на Преспанско Езеро.