Скопје
Герасимовски: Со ограничувањето на движењето на возилата во Дебар Маало го растеретуваме сообраќајот во населбата

Кандидатот за градоначалнк и актуелен градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, заедно со идните советници поделени во тимови, синоќа беа на терен „од врата до врата“ во Дебар маало и околу Градскиот парк. Тие посетија повеќе од 200 домаќинства кадешто разговараа за сработеното во изминатите четири години, но и за проектите што се предвидени да се реализираат во новиот мандат.
Герасимовски, потенцираше дека во изминатиот мандат Општината покажала дека може да функционира чесно, отчетно и транспарентно.
„Инвестиравме во градинки, училишта, паркови, улици и јавни услуги што се од голема важност за нашето секојдневие. Граѓаните беа вклучени во процесите на одлучување и заедно креиравме политики за подобар живот. Доделивме многу стипендии и субвенции, организиравме многу културни и забавни настани, средби со граѓани, отворени денови, форумски сесии со што Општина Центар ја изградивме во пример на отворена локална власт која работи за доброто и во интерес единствено на своите граѓани“, рече Герасимовски.
Жителите на Дебар Маало ја поздравија одлуката на Герасимовски за ограничувањето на движењето на возилата на Дебар Маало со што ќе се растерети сообраќајот во оваа населба.
„Еден од главните проекти е иницијативата за ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало. Со овој проект предвидено е затворање на сообраќајот за викендите, почнувајќи од петок во 18:00 часот, па сѐ до понеделник во 06:00 часот. Во тој период, поставуваме рампи на четири клучни локации, со што значително го намалуваме метежот и бучавата, а ќе се овозможи и повеќе простор за пешаците, велосипедистите и за жителите да уживаат во мирна и безбедна средина“, изјави Герасимовски.
Тој потенцира дека влез ќе биде дозволен исклучиво за граѓаните кои живеат во Дебар Маало и ќе поседуваат специјални дозволи издадени од Општината.
За останатите возила ќе постои можност за кратко задржување до 15 минути, со цел да се овозможи достава или извршување неопходни обврски, но со строго регулирани правила.
октомври 8, 2025