Општини
Проданоски: Реконструкција на речното корито во Прилеп со пешачки и велосипедски патеки, урбана опрема и современо осветлување

Време е градската река да стане нашата гордост. Од заборавена и запуштена, таа ќе се претвори во жив простор за сите генерации на Прилеп, вели Дејан Проданоски, кандидат за градоначалник на Прилеп во изјава за медиумите, што МИА ја пренесува интегрално.
Ова е уште еден од нашите приоритетни проекти, реконструкција на речното корито во населбата Сточен пазар до градскиот базен, Маркови кули и новиот мост на улица Победа или вкупно четири и пол километри должина.
На површина од повеќе од 14 хектари ќе изградиме пешачки и велосипедски патеки, кејски ѕидови, урбана опрема, клупи и современо осветлување.
Со новите пешачки мостови и реконструкцијата на коритото, ќе ги поврземе двата брега во градот, отворајќи нови комуникациски правци и олеснувајќи го пристапот на нашите сограѓани кои живеат во населбите покрај реката.
Нашата цел е јасна. Уреден кеј за рекреација, дружење и семејни активности, чист и безбеден за сите граѓани.
Со овој проект ќе создадеме модерен и функционален простор кој ќе го трансформира централниот дел на Прилеп во симбол на чистота, убавина и напредок. Простор кој што ги поврзува луѓето, ги охрабрува да рекреираат, да се дружат и да уживаат во природата.
Оваа трансформација со сигурност значи подобрување на квалитетот на животот во општина Прилеп.
Со реконструкцијата ќе ги поврземе населбите околу реката и ќе го олесниме пристапот за сите граѓани, без разлика дали живеат блиску или подалеку од центарот на градот.
Пешачките и велосипедските патеки ќе го направат движењето низ градот побезбедно, полесно и поудобно.
Чистењето и уредувањето на реката е особено значајно за животната средина, со што уште еднаш би го докажале епитетот на Прилеп како најзелена општина во Република Македонија.
Тоа значи дека се грижиме за иднината на градот, ги зачувуваме водните ресурси и создаваме простор кој ја подобрува екологијата и квалитетот на воздухот во Прилеп.
Градската река ќе стане симбол на новиот Прилеп, место каде природата и урбаната убавина се спојуваат и каде што децата ќе растат во чист и безбеден град.
октомври 7, 2025