Вести
Минчев: Европеизацијата не почнува во Брисел – почнува овде со секој службеник кој ја работи својата работа со чест, со почит и со интегритет

Министерството за јавна администрација денес во Тетово го започна вториот циклус на генерички обуки за административните службеници во Полошкиот регион, со што продолжува реализацијата на реформската агенда за професионална, ефикасна и современа јавна администрација. На настанот присуствуваа претставници од институциите, административни службеници, како и експерти и обучувачи вклучени во обуката.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање истакна дека овие обуки се дел од континуираниот процес на градење нова култура на работа и нов дух во јавниот сектор.
-Реформите во јавната администрација не се само ветувања или празни зборови во уште една владина програма, туку вистински дела што се гледаат, чувствуваат и го менуваат секојдневието на граѓаните. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема доверба без професионални, одговорни и мотивирани службеници, истакна Горан Минчев.
Министерот нагласи дека со овие обуки државата поставува нов стандард во начинот на кој се грижи за своите службеници, со повеќе од 600 обучени лица од претходниот циклус, а новиот циклус продолжува со уште поголем интензитет и покриеност низ сите региони.
-Овие обуки се практични, современи, инспирирани од најдобрите европски примери и имаат за цел не само да пренесат знаење, туку и да ја менуваат културата на работење – да создадат службеници кои не работат затоа што мораат, туку затоа што сакаат да направат разлика, рече Минчев.
Тој потсети дека во изминатата година Министерството направи сериозни чекори во реформите на јавната администрација – со нови законски решенија што ја зајакнуваат отчетноста и транспарентноста, модернизација на системот за човечки ресурси ИСУЧР, развивање на ЛМС системот за онлајн обуки и воведување на нови практики за професионализација и ефикасност.
-Јавната администрација има важност како темел на државноста и двигател на европската интеграција. Европеизацијата не почнува во Брисел – таа почнува овде, во секоја општина, на секој шалтер, во секој службеник кој ја работи својата работа со чест, со почит и со интегритет. Јавната администрација не е трошок – таа е инвестиција. Инвестиција во стабилност, доверба и државност. Денес градиме систем што ќе биде транспарентен, човечки и европски по дух. Сега е моментот да покажеме дека државата може да функционира поинаку – со ред, со принципи и со резултати, истакна министерот.
Со вториот циклус на генерички обуки, се продолжува да се гради визијата за професионална, етичка и европска администрација посочи министерот и оцени дека администрацијатаќе биде гордост на државата и вистински сервис на граѓаните.
октомври 7, 2025